СЛЕДИМЕ ПРОГРЕС: Рехабилитација на обиколница Крива Паланка, дел од државниот пат А2

Во тек е рехабилитација на државниот пат А2 – Обиколница Крива Паланка, на делница долга 4,5 километри. Овој проект претставува значаен чекор кон подобрување на патната инфраструктура и безбедноста во сообраќајот во регионот.

Токму затоа беше извршен увид над градежните работи од страна на директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Коце Трајановски заедно со стручниот тим, а во присуство на изведувачот и надзорот, како и на пратеникот Емил Спасовски.

Во моментов, работите се одвиваат непрекинато, а рехабилитацијата опфаќа целосно вадење на постоечкиот асфалт и поставување на нов двослоен асфалт, битуменизиран носив слој со дебелина од 8см и абечки слој со дебелина од 6см. Коловозот е широк 7,5 метри, со две ленти по 3,5 метри и банкини од 1,3 метри.

На трасата се наоѓаат 5 пропуста, 2 моста и 1 потпатник, сите се предмет на реконструкција и зајакнување. Дополнително, ќе се постави современа вертикална и хоризонтална сигнализација, како и нова челична заштитна ограда според европскиот стандард EN1317.

Изведувач на работите е компанијата „Гранит“, додека надзорот го вршат „Евро Конслатинг“ здружени со „Диви Македонија“. Вредноста на договорот изнесува 68.511.708,84 денари (без ДДВ), односно околу 1,12 милиони евра.

За време на изведбата на градежните работи воспоставен е времен режим на сообраќај и повикуваме на внимателно следење на поставената сигнализација.

Инаку, со реализацијата на овој проект се очекува значително подобрување на безбедноста во сообраќајот, како и подобро поврзување со новиот експресен пат Крива Паланка – Страцин на запад и реконструираниот пат до граничниот премин Деве Баир на исток.

 

Регионалното патно поврзување со границата на Бугарија-клуч за економски развој и подобрување на животниот стандард

Магистралниот пат А4 кој води од Струмица до граница со Бугарија има стратегиско значење за Југоисточна Македонија, бидејќи претставува важен коридор за економски и сообраќаен проток помеѓу нашата држава и источниот сосед. Ова патно поврзување игра клучна улога во развојот на локалната економија, подобрувањето на туристичката понуда, како и во создавањето нови деловни можности.

Токму затоа, за санацијата на најоштетените делови од магистралниот пат А4 Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) за 2025 година обезбеди средства во износ од 30 милиони денари. Овие средства се искористени за надградба на три делници на овој патен правец.


Санацијата опфати делови кај Робовска раскрсница, од село Секирник кон село Сушица, како и патот низ Ново Село, во должина од околу 2 километри и со променлива ширина на коловозот од околу 6,5 метри. Вкупно, обновени се 10.500 квадратни метри асфалтна површина, со целосно стругање на старите, оштетени слоеви и вградување на 2.000 тони нов асфалт.

Изведувач на работите е Јавното претпријатие за заштита и одржување на магистралните и регионалните патишта (ЈП Македонијапат).

 

Санацијата на делниците, во делот кај Робовска раскрсница, од село Секирник кон село Сушица и низ Ново Село, ќе обезбедат побрзо, полесно и побезбедно движење за сите патници и возачи. Обновената инфраструктура ќе ја зголеми безбедноста, ќе го намали времето на патување и ќе ја подобри комфорноста на сообраќајот, што ќе се одрази позитивно не само на локалното население, туку и на бизнисите кои зависат од овој патен правец.

СЛЕДИМЕ ПРОГРЕС: Го прошируваме коловозот и ја зголемуваме безбедноста на патниот правец Р2234 од Долно Татеши до Мислодежда

Со цел значително да се зголеми безбедноста во сообраќајот и да се подобри нивото на услуги за жителите кои гравитираат кон општина Струга, Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) во програмата за одржување и заштита на државните патишта одвои 20 милиони денари за санација на регионалниот пат Р2243. Овој патен правец претставува клучна врска за локалното население, бидејќи минува низ повеќе населени места и е од големо значење за секојдневното патување на граѓаните, снабдувањето со стоки и развојот на туризмот во регионот.

Планираните средства ќе се искористат за целосна санација на делницата која се протега од селото Долно Татеши до Мислодежда, во должина од 3.500 метри. Проектот предвидува градежни интервенции со цел да се подобри инфраструктурата и да се овозможи побезбедно и поефикасно движење на возилата.

Градежните активности, кои ги изведува ЈП „Македонијапат“, опфаќаат проширување на коловозот од сегашните 3,8 метри на 5 метри, што ќе овозможи полесно разминување на возилата и ќе го намали ризикот од сообраќајни незгоди. За потребите на проектот предвиден е ископ на 3.000 кубни метри земјан материјал, вградување на 900 кубни метри тампон за стабилизација на подлогата и асфалтирање со вкупно 1.200 тони асфалт.

Со реализацијата на оваа инвестиција ќе се подобри квалитетот на патната мрежа, ќе се олесни пристапот до руралните населени места, а истовремено ќе се поттикне економскиот развој и ќе се подобрат условите за живот на локалното население. Дополнително, подобрената инфраструктура ќе овозможи побрза и побезбедна комуникација на локално и на регионално ниво.

 

Пуштена во употреба уште една делница од автопатот Кичево – Охрид, долга 17км!

Со овие нови 17 километри ставени во функција патувањето до туристичкиот центар Охрид станува побрзо и поудобно и најважно од сè- побезбедно!
Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Коце Трајановски заедно со претседателот на Владата на РСМ Христијан Мицковски, министерот за транспорт Александар Николоски, градоначалникот на Општина Охрид Кирил Пецаков, и бројни пратеници, гости и советници свеченото ја пуштија наведената автопатска делница.
„Ова е голем чекор напред за граѓаните и стопанството – заеднички успех на сите кои беа дел од овој проект. Конкретно, завршени се градежните работи на два сегмента: дел од подделницата 4 (Климештани–Требеништа) и целата подделница 5 (Требеништа–Охрид) со вкупна должина од 17 километри и го опфаќа делот од Климештани до Охрид. Автопатот е со вкупна широчина од 26.5 метри и ги содржи сите конструктивни елементи за автопат.“, изјави директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Коце Трајановски.
Со изведбата на овие подделници со вкупна должина од 17км се изградија еден мост, 10 потпорни ѕида, пет (5) патни јазли со осветлување (Ботун, Требеништа со врска за државен пат А3, Аеродром Св.Апостол Павле, Подмоље, Св.Еразмо), четири (4) надпатници, 15 подпатници, 80 плочести и цевасти пропусти, два (2) паралелни пристапни пата со приклучоци на постоечки објекти, два (2) приклучоци на постоечки објекти и една (1) девијација на локален  пат за с. Климештани.
ЈПДП продолжува да ја обновува и подобрува патната инфраструктура низ целата држава.

Трајановски: “Го олеснуваме протокот на сообраќај преку времен режим на натпатникот кој е дел од патниот јазол Подмоље

Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Коце Трајановски заедно со претседателот на Владата на РСМ Христијан Мицковски, министерот за транспорт Александар Николоски, градоначалникот на Општина Охрид Кирил Пецаков, извршија увид во работите за изградба на автопатот Кичево-Охрид од Климештани до Охрид, како и увид во градежните работи кај патниот јазол Подмоље каде воедно под времен режим беше ставен натпатникот.

„Денеска извршивме увид и воедно го ставивме под времен режим на сообраќај натпатникот кој е дел од патниот јазол Подмоље со што значително ќе се олесни протокот на сообраќај и ќе се зголеми безбедноста на учесниците во сообраќајот кои катадневно го користат овој патен јазол во правец кон Охрид, Струга или кон Кичево.

Воедно сакам да потенцирам дека со ставањето на времениот режим на сообраќај ќе се созададат услови за доизградба на десната коловозна лента од автопатот во зоната на патниот јазол,  но и услови за изградба на рампа 1 која води од правец Струга кон Охрид и рампа 4 која води во правец од Кичево кон Охрид. Очекуваме нивната изградба да се одвива брзо со што би напреднале работите за доизградба на клучката Подмоље.

Претходно како што знаете од почетокот на јули месец граѓаните, туристите, и сите оние кои патуваат кон Охрид, возат по автопат со исклучок кај Ботун,  каде имаме за решавање едно комплицирано свлечиште, а со полна пареа се работи и се асфалтира на главната траса на дел од автопатот во изградба Кичево-Охрид.“, изјави по увидот директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Коце Трајановски.

Тој додаде дека е отпочнато со асфалтирање на паралелниот пристапен пат Требеништа-Подмоље-Охрид, кон населените места Горенци и Оровник и дека е завршено бетонирањето на потпатникот на делница 4 на 10 + 800 км меѓу Мешеишта и Требеништа, а интензивно се асфалтира километар и пол на левата страна од автопатот после бензиската Еко Петрол.

Со несмалено темпо се работи на натпатникот кај Подмоље на регионалиот пат, но и на клучката Св. Еразмо, а во средишниот појас се поставува еластична одбојна ограда, додека во Требеништа се работи на потпатникот каде се прават потпорни ѕидови и интензивно работиме и на решавањето на приклучувањето на безниските пумпи.

 

СЛЕДИМЕ ПРОГРЕС: Наскоро уште една делница од автопатот Кичево-Охрид ќе биде во функција!

Со полна пареа, се работи и се асфалтира на главната траса на дел од автопатот во изградба Кичево-Охрид.

Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Коце Трајановски заедно со инженерскиот тим изврши увид во активностите на траса при што беше известен дека се работи забрзано и дека работата на Изведувачите Гранит, Синохидро и Илинден се одвива на сите подделници од автопатот.

Покрај асфалтирањето се поставува и еластична ограда, се бетонираат плочасти и цевасти пропусти, се уредуваат клучки и натпатници, се поставува осветлување итн.

Очекувањата се наскоро, за многу краток период да биде ставена во функција уште една делница од автопатот во изградба Кичево-Охрид.

Од теренскиот увид беше видлива раздвиженоста на трасата каде што изведувачите заедно со подизведувачите  работат под полна пареа. Директорот на ЈПДП Коце Трајановски им изрази јавна благодарност на сите чинители кои се активно и максимално посветен и вклучени во реализацијата на овој значаен проект.

СЛЕДИМЕ ПРОГРЕС: Изградба на автопат Прилеп-Битола

Интензивно се работи на изградбата на автопатот Прилеп-Битола во должина од околу 40 км кој е дел од Коридорот 10д и од проектот за изградба на четирите автопатски делници во изведба на американско-турскиот конзорциум Бехтел и Енка.

Директорот на Јавното претпријатие зза државни патишта Коце Трајановски на терен беше запознаен со моменталниот статус на изведба на градежните активности при што беше известен дека во моментов непречена работа е овозможена на должина од околу 11,5 км и се изведуваат градежни активности на 1 мост, 2 потпатника, 2 натпатнка, 4 плочести пропусти и 22 цевасти пропусти. На овие позиции работат околу 700 лица и се вклучени повеќе од 400 различни машини и механизација од изведувачот и од  подизведувачите.

Инаку, во тек се земјените работи на дел од главната траса, се врши расчитување на вегетација, отстранување на хумусен слој, а на дел од главната траса отпочната е изведба на насипи. Досега се извршени ископувања на околу 660,000.00m³ земја, вградени се 350,000.00 m³ материјал за пополнување, произведени се 30,000.00 m³ бетон за завршување на бетонски работи на автопатската делница. Изграден е и камп за привремено сместување со капацитет за повеќе од 750 лица.

Секоја работа на терен носи предизвици. Па така е и со оваа траса каде сѐ уште е во тек и процесот на отстранување и уништување на старите експлозивни направи на кои наидовме на дел од траса, а за можните археолошки наоѓалишта од страна на надлежните институции обезбеден е повремен и постојан надзор на трасата. Во обата случаи, работите за изградба на патната делница на конкретните локации се запираат додека не се обезбедат соодветни потврди дека планираната траса е чиста и нема пречки за да се продолжат работите.

Финансиската конструкција за оваа делница од патната инфраструктура е проценета на 260 милиони евра според студијата за оправданост.

Студија за оцена на влијание врз животната средина (ОВЖС Студија) на Проектот: “Изградба на Државен пат А4, подделница 2-изградба на автопат од клучката со локален пат за с.Блаце (клучка Блаце) до Скопје (клучка Стенковец) km 2+000 до km 12+250”.

Заради обновување на Решение за согласност на барањето за спроведување на проектот и повторно одобрување на ОВЖС Студијата (во повторена постапка) на линкот во продолжение е Студија за оцена на влијание врз животната средина (ОВЖС Студија) на Проектот: “Изградба на Државен пат А4, подделница 2-изградба на автопат од клучката со локален пат за с.Блаце (клучка Блаце) до Скопје (клучка Стенковец) km 2+000 до km 12+250”.

Јавната расправа ќе се одржи на 27-ми август 2025 година во просториите на Општина Чучер Сандево, со почеток од 10.00 часот.

      • Основниот проект и Оцена на влијанието врз животната средина и социјалните аспекти за автопат A4, Скопје – Блаце. Подделница 2 – Изградба на автопат од клучката со локален пат за с. Блаце (клучка „Блаце”) до Скопје (клучка „Стенковец”), km 2+000 до km 12+250 може да го погледнете тука.
      • Annex 3 ОДЛУКА-Decision for conduction EIA (24.07.2025) може да се погледне тука.
      • Прилог 1 Одлука за одобрување на Елаборат-Подделница 1 може да се погледне тука.
      • Прилог 2 Мислење од институции може да се погледне тука.
      • Прилог 4 Правна рамка може да се погледне тука.
      • Прилог 5 Писмо за прифаќање на алтернативи може да се погледне тука.
      • Прилог 6 Параметри и методи за анализа на површински води може да се погледне тука.
      • Прилог 7 Оцена на еколошкиот статус согласно РДВ може да се погледне тука.
      • Прилог 8 Оцена на алтернативи може да се погледне тука.
      • Прилог 9 Список на растенија може да се погледне тука.
      • Прилог 10 Список на видови пеперутки може да се погледне тука.
      • Прилог 11. Извештај за климатска отпорност може да се погледне тука.