Завршена санацијата на мостот на река Пчиња на регионалниот пат Р2136, делница Ржаничино –Д.Коњаре

Санацијата на мостот  во село   Долно Коњаре на  регионалниот пат Р2136, делница Ржаничино – Долно Коњаре, општина Петровец која отпочна на почетокот на месец март е завршена и мостот е ставен во функција.

Невремето кое ја зафати Република Македонија  минатиот месец, придонесе да се се зголемат на  водите на река Пчиња и да дојде до оштетување на наведениот мост, кој од безбедносни причини во сообраќајот беше забранет за сообраќај за товарни возила со  маса поголема од 7,5 тона, вклучувајќи ги и градските автобуси на ЈСП „Скопје“. Од страна на Јавното претпријатие за државни патишта, веднаш по оштетувањето беа превземени конкретни  активности за надминување на состојбата,  при што  двете средишни  столбни места  кои беа предмет на санација,   целосно се санирани и зајакнати. Освен санацијата   во долниот дел од мостот околу двете столбни места  извршена е  регулација на коритото на реката Пчиња.

Со завршување на санацијата  се овозможи нормализирање на  сообраќајот на мостот и негово повторно ставање во функција.. Санацијата на мостот е завршена за неполн месец од отпочнување на градежните работи, иако според Договорот изведувачот имаше рок за негово завршување до крајот на месец Април.

Завршени локалните патишта – с. Долна Белица- с.Октиси во струшко и за с. Велестово во охридско

Во рамките на последната фаза која ќе го заокружи  повеќегодишниот Проект за подобрување на локалната патна инфраструктура во Република Македонија, ЈП за државни патишта по отпочнувањето на градежната сезона во месец Март ја заврши рехабилитацијата на два локални патни правци : локалниот  пат  с. Долна Белица- с.Октиси во општина Струга и првиот дел од локалниот пат за село Велестово, охридско.

Во струшкиот регион , на патниот правец с. Долна Белица- с.Октиси извршена е  комплетна рехабилитација на патот во должина од 2,6 километри ,   инвестиција во вредност од 23,7 милиони денари . Со рехабилитација на патот создадени се услови за  безбедно  одвивање на сообраќајот,  намалување на  времето на патување и побрза сообраќајна комуникација меѓу двете населени места .
Во рамките на средствата кои и преостанаа на општина Охрид , овој месец е завршен првиот дел од локалниот пат за село Велестово во должина од 870 метри, инвестициска вредност од 6,55 милиони денари.
Средствата за реализација се обезбедени  со  поддршка од Светска Банка  наменета  за  подобрување на локалните патишта во Република Македонија.

Директорот на ЈП за државни патишта Владо Мисајловски во работна посета на Југоисточниот регион

Директорот на ЈП за државни патишта  Владо Мисајловски во рамките на денешната работна посета на  Југоисточниот регион,   во Македонска Каменица оствари средба со градоначалникот на Македонска Каменица Дарко Митевски, со локалното население и со претставници  од рудникот Саса.

На средбите беше разговарано за проектите во локалната патна инфраструктура како и за останатите проекти кои се планирани да се реализираат во општината. Во разговорите директорот Мисајловски информираше дека  во тек е  проектирање на 20 км. од регионалниот пат Р 1210 помеѓу рудниците   Тораница  и Саса . Оваа делница ќе биде од големо значење за поврзување  на општините Крива Паланка и Македонска Каменица, затоа што во моментов не постои патна врска помеѓу овие две општини. На средбите беше разговарано и за рехабилитацијата на околу 30 км. од  постојниот  магистрален  пат Кочани – Делчево , планирана да се реализира со средства од заем од Светска Банка.

Во рамките на посетата на овој регион директорот Мисајловски оствари средба и со градоначалникот на општина Пехчево Игор Поповски и со месното население. На средбата беше разоварано за локалната патна инфраструктура.
На крајот оставарена беше средба и со градоначалникот на општина Дојран Борче Стамов и со локалното население од село Николиќ.  Директорот Мисајловски  информираше  дека претстои целосна рехабилитација на крак од регионалниот пат помеѓу Нов Дојран и село Николиќ во должина од околу 6 км. Во рамките на рехабилитацијата на овој патен правец предвидена е  и  целосна обнова на сообраќајната сигнализација. Рехабилитацијата ќе се реализира преку заем од Светска банка.  Во насока на подобрување на безбедноста во сообраќајот  тек е поставување на нова сообраќајна сигнализација  и опрема на регионалниот пат Струмица – Дојран во должина од 65 км., инвестиција во вредност од 16 милиони денари, информираше директорот Мисајловски.

 

Осветлена клучката на влезот во Куманово

Спроведувајки ги Владините политики  за зголемување на безбедноста во сообраќајот преку проекти за осветлување на државните патишта,  Јавното претпријатие за државни патишта и оваа година продолжува со осветлување на клучките и влезовите во градовите низ државата.  Во таа насока   осветлен  е  надпатникот  и  средишниот дел на клучката на влезот во Куманово.

Во должина од 600 метри поставени се 12 двокраки канделабри со висина од 12 метри  како и четири рефлектори под  надпатникот . Осветлувањето е изведено со систем на намалување на потрошувачката на електрична енергија (димирање) на сите светилки со намалување на влезниот напон .

Инвестицијата за изведување на осветлувањето е во вредност од 3 милиони денари.