- ЈАВНИОТ ПОВИК бр. 05/2025 за пројавување на интерес за пријавување на кандидати за избор на 1 (еден) член на Управниот одбор на Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта – Скопје ц.о. и 1 (еден ) член на Надзорниот одбор за контрола на материјално – финансиското работење на Јавното претпријатие за државни патишта може да го превземете тука.
- Образецот за пријавување на јавен повик за пројавување на интерес за пријавување на кандидати за избор на член на управен/надзорен одбор на јавно претпријатие може да го превземете тука.
Трајановски: „Македонија во моментов се наоѓа во еден инвестициски циклус во кој работите почнаа да се движат и од фаза на застој преминаа во фаза на изградбата на патиштата“
Во Македонија, инфраструктурниот сектор е еден од клучните двигатели за економски раст и привлекување на странски и домашни инвестиции. Во таа насока, на инфраструктурата се гледа како на приоритетен сектор, а Владата активно работи на создавање на поволен деловен амбиент.Директорот на ЈПДП Коце Трајановски зеде учество на бизнис форумот „Деловни можности и инвестиции“ со посебен фокус на секторите инфраструктура, енергетска транзиција и циркуларна економија и технолошки иновации и индустрија 5.0, во организација на Амбасадата на Република Италија во Скопје и на Италијанската Aгенција за Tрговија (ИТА).
Во обраќањето тој потенцираше дека изградбата и модернизацијата на патната инфраструктура во Македонија е во полн замав и дека и покрај тоа што се завршени отпочнатите проекти во делот на експресните патишта со забрзано темпо се работи и на сите останатите проекти предвидени во Годишната програма за 2025 година.

„Ова е многу важно, бидејќи цениме дека нашата стратешка предност е тоа што сме природна раскрсница на два многу значајни коридори, тоа се коридорот 8 и коридорот 10. Затоа потребни ни се модерни патишта, брзи железници, подобрени јавни услуги и дигитална поврзаност. Тоа е многу важно затоа што имам чувство дека во минатото многу малку се внимавало во изградбата на инфраструктурата и на нејзиното одржување што не става во редот на не многу добро патно поврзани со регионите околу нас. Македонија во моментов може да се каже дека сега се наоѓа во еден инвестициски циклус во кој работите почнаа да се движат во поволна насока, односно циклус во кој работите од фаза на застој преминаа во фаза на изградбата на патиштата. Отвораме фронтови за работа на сите наши изведувачи на проектите и очекуваме офанзива од нивна страна, односно да го следат нашето темпо. Нашите граѓани заслужуваат да возат по модерни, безбедни и нови патитшта.“-рече во своето обраќање директорот на ЈПДП Коце Трајановски.
Извештај од надзорот за прогрес на работите на Коридор 8 и 10д за периодот 01.05.2025 – 31.05.2025
Извештајот од надзорот за прогрес на работите на Коридор 8 и 10д за периодот 01.05.2025 – 31.05.2025 може да го преземете во pdf формат тука.
Трајановски: „Со пуштањето на експресниот пат Градско-Дреново во должина од 26 км се скратува времето на патување кон Прилеп, Битола, Ресен!“
Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Коце Трајановски во присуство на претседателот на Владата на РСМ Христијан Мицковски, министерот за транспорт Александар Николовски, гадоначалници, пратеници, соработниците и бројните гости, ја пуштија во употреба делницата Фариш-Дреново, дел од експресниот пат А1 Градско-Дреново, со што се доби целина од 26 км експресен пат на Коридорот 10д.

„Денеска чувствувам огромна радост и задоволство што стојам овде, на ова место, и ја пуштаме во употреба делницата Фариш – Дреново од експресниот пат А1, дел од коридорот 10д. Успеавме да ги надминеме наследените проблеми и за краток период да добиеме една функционална целина од 26 киломтри со што значително го скратуваме времето на патување од Градско кон Прилеп, Битола, Ресен и понатаму. На делницата Фариш – Дреново вложивме натчовечки напори да ги совладаме препреките во градежните работи, особено во стабилизацијата на опасните карпи и да ја забрзаме изведбата на работите. На само 10,2 км имаме 1 тунел со две цевки, 21 мост, 11 потпорни ѕида, 1 вијадукт, 7 АБ конструкции, бројни подпатници, цевасти пропусти и 1 кружен тек на постојниот пат со клучка Дреново. Реализирана е изведба на ободни канали, регулација на реката на неколку потези, заштита на косини, поставена е заштитна ограда, хоризонтална и вертикална сигнализација и друга патна опрема.“ – изјави директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Коце Трајановски.

Проектот е со вкупна вредност од 44,74 милиони евра и е финансиран со заем од ЕБОР (Европска банка за обнова и развој). Проектант на делницата беше Простор дооо Куманово, изведувач на работите СИНОХИДРО КОРПОРЕЈШН ЛИМИТЕД Пекинг, НР КИНА, Подружница Скопје, а надзорот го вршеа ГЕИНГ и ЕВРО КОНСАЛТИНГ.
Јавен оглас 1/2025 за вработување на неопределено време на 2 работници – помошно – технички лица во Јавното претпријатие за државни патишта
Трајановски: „Внесовме нов импулс во решавање на долгогодишните заостанати проблеми и резултатите се видливи на терен“
Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Коце Трајановски зема учество на панел дискусијата „Управување кон резултати“ на настанот организиран од страна на Министерството за јавна администрација, кој се одржа по повод Денот на јавните службеници и јавните служби.
При тоа тој се осврна на менаџирањето со институцијата на чие чело е бидејќи е единствена од ваков тип во државата која гради патишта и затоа е од исклучитечна важност управувањето со неа да дава резултати видливи и за граѓаните.
Трајановски рече дека тој и Владата на РСМ внесоа нов импулс во решавањето на долгогодишните заостанати проблеми и дека резултатите се видливи на терен.
Според него потребна е јасна визија, стратегија и систем за следење на напредокот и влијанието на проектите, посебно на стратешките проекти со кои во моментов раководи ЈПДП, како што се изградбата на автопатите на Коридорите 8 и 10д, како и останатите со кои се подобрува патната инфраструктура на државата.
Потсети дека кога стапил на функција затекнал исклучително лоша состојба која со напорна работа многу брзо беше санирана.
„Наследивме катастрофална состојба каде што проектите воопшто не се менаџирале и за обични административни работи беа заглавувани по повеќе од година, две, три. Ќе дадам само еден пример, експресниот пат Градско–Прилеп, поточно делницата Градско-Дреново која што е главен крвоток на целиот централен регион и води кон југозападна Македонија и која требаше да го забрза движењето беше заглавен година и половина. Со напорна деноноќна работа ги откочивме процесите, ја забрзавме изградбата и резултатот е пуштена делница веднаш на почетокот на годината, а придобивките се побрзо патување, удобно и безбедно возење и забрзан развој на регионот. Наскоро ќе се стави во функција и вториот дел од Дреново до Фариш каде наидовме на ризични карпи и каде што требаше да се изменаџира успешно управување со ризиците и да се ублажат карпите за да се добие на безбедност на делницата.
Го откочивме и забрзавме и проектот за изградба на експресниот пат Крива Паланка-Страцин кој неколку години тапкаше во место, но со постојано присуство на терен и решавање на проблемите на лице место, како и со примена на современите придобивки на технологијата и него го завршивме и пуштивме во употреба на почетокот на годинава. Внесовме нов импулс во решавање на долгогодишните заостанати проблеми и резултатите се видливи на терен.“, потенцираше во своето обраќање директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Коце Трајановски.
Додаде дека Македонија во моментов се наоѓа во еден инвестициски циклус во кој работите почнаа да се движат во поволна насока, односно циклус во кој работите од фаза на застој преминаа во фаза на изградбата на патиштата. Забрзано се работи на првите 40 километри од автопатот Кичево-Охрид да бидат пуштени до 10 јули, од Врбјани до Охрид со исклучок на делот кај Ботун, каде што има свлечиште кое треба да се санира. Интензивно се работи и на изградба на Коридорите 8 и 10д каде беше вложен огромен напор за да се откочи процесот на експропријација и да се отвори што поголем фронт за работа на терен. Според него реализацијата на изградбата на автопатите споредено со минатата година е четирипати поголема, а очекувањата се таа да се дуплира и триплира бидејќи сме на стартот на градежната летна сезона.
ЈПДП: Почна асфалтирањето на патот од Драчево кон Долно Лисиче
Денеска започна асфалтирањето на патниот правец Р2134 од населбата Драчево кон Долно Лисиче, при што работите да бидат завршени во рок од три дена.

Изведувач на градежните активности е ЈП за одржување на магистралните и регионалните патишта (Македонија пат), а вкупната вредност на инвестицијата изнесува 19 милиони денари, средства обезбедени од Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП).

Покрај реконструкцијата на коловозот, Општина Кисела Вода претходно изврши реконструкција на подземната инфраструктура и на тротоарите, со што се овозможува целосно подобрување на условите за сообраќај и пешачко движење на овој потег.

Со завршувањето на реконструкцијата, граѓаните ќе се обраќаат по модерен и безбеден пат, со значително подобрени услови за возење и зголемена безбедност на патот.
Трајановски: „Во рок завршена реконструкцијата со проширувањето на делницата Понов мост – влез во Богданци, како дел од регионалниот пат Р1109“
Градежните работи за реконструкцијата со проширувањето на делницата Понов мост – влез во Богданци, како дел од регионалниот пат Р1109, започнаа во јуни 2024 година и рокот на завршување беше 12 месеци, при што тој е целосно испочитуван согласно со Договорот.
Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Коце Трајановски во присуство на премиерот на Владата на РСМ Христијан Мицковски и градоначалникот на Општина Богданци Блаже Шапов, како и на бројни гости, ја ставија во функција реконструираната делница.

„Реконструкцијата на оваа делница е во должина од 4,83 км и при изведбата беше направено проширување со подобрување на геометриските елементи на патот од 5.70м (5.90м) на 6.60м ширина на асфалтниот коловоз, на банкините од 1.30м, берми и риголи со 0.50м, односно вкупната ширина на патот сега изнесува 9.20м. Инвестиционата вредност на градежните работи беше реализирана со средства од буџетот на ЈП за државни патишта во вкупна вредност од 303,646,570 денари, односно 5,000,000.00 евра. Со реализацијата на овој пат се подобрува патната инфраструктура во регионот, се овозможува непречен дотур на стоки и материјали, но се подобрува локалното и регионалното поврзување со населените места во регионот.“- изјави директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Коце Трајановски.

Инаку, извршена е целосна реконструкција на долниот строј на патот, изработено е подтлото, изведен е целосно нов горен строј со два асфалтни слоеви, а поради бројни оштетувања на мостот направена е негова комплетна санација, зајакнати се средните столбови со зголемување на попречниот пресек, изведена е соодветна хидроизолација, и поставени се два афалтни слоеви. Извршено е проширување на објекотот од 8.00 м на 9.20 м. Поставена е заштитна ограда за задржување на возилата, како и вградена нова пешачка ограда. Исто така, изведено е ново нивелационо решение на крстосница Стојаково, а изработени се и банкини со механичка стабилизација, бетонски канали кои се поставени од двете страни на патот, како и земјени канали. Со цел безбедно одвивање на сообраќајот за сите учесници, поставена е нова хоризонтална и вертикална сигнализација.
Изведувач на градежните работи на реконструкцијата со проширување на регионалниот пат Р1109 делница, Понов мост – влез на Богданци беше ЖИКОЛ ДООЕЛ Струмица, а надзор Друштвото за управување со проекти ЕОС Е.Е. Скопје.
Трајановски: „Ја зголемуваме безбедноста на магистралниот пат Охрид – Св. Наум. Заврши реконструкцијата на делницата долга 24,4 км!„
Заврши рехабилитацијата на магистралниот пат Охрид – Св. Наум во должина од 24,4 километри, инвестиција вредна 11,7 милиони евра, средства обезбедени од буџет на Јавното претпријатие за државни патишта.
Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Коце Трајановски во присуство на претстедателот на Владата на РСМ Христијан Мицкоски, вице премиерот и министер за транспорт Александар Николоски, градоначалникот на Општина Охрид Кирил Пецаков, како и во присуство на бројни гости ја ставија во функција оваа значајна делница.

„Сите до еден сме свесни за важноста и значењето на оваа делница која е магистрален пат кој има исклучително регионално значење и важност затоа што претставува патна врска со Република Албанија. За жал, и покрај исклучителната важност цели четири децении оваа делница чекаше за рехабилитација. Еве не денеска сите тука заедно да ја соопштиме оваа убава вест на која децении наназад чекаа и локалните жители кои секојдневно го користат овој магистрален пат, но и добрите патници намерници кои сакаат да го видат бисерот над бисерите на Охридското крајбрежје, комплексот Свети Наум. За сите нив денес имаме побезбеден и рехабилитиран магистрален пат. “-изјави директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Коце Трајановски при свеченото ставање во функција на делницата.

Со реконструкцијата заради зголемување на безбедноста во сообраќајот, како и прегледност на патот се изврши растеретување на косини од нестабилен карпест материјал и се монтираше заштитна челична мрежа на косините.
Се постави комплет нова вертикална и хоризонтална сигнализација, односно нови сообраќајни знаци, се изврши означување на хоризонталната сигнализација т.е боење со патарска боја и се постави заради поголема заштита еластичната одбојна ограда.

Инаку, ширината на магистралниот пат е променлива од 5 до 6 метри и поради зголемена видливост и безбедност во сообраќајот, како и заштита на косини од одрони се изврши таканаречено кавање, растеретување на косини од нестабилен карпест материјал.
Со рехабилитација на оваа главна туристичка сообраќајна делница, ја подигнуваме безбедноста во сообраќајот и обезбедуваме квалитетна патна врска од Охрид до манастирскиот комплекс Св. Наум. Исто така, ја подобруваме патната мрежа, го подигнуваме квалитетот на туристичкиот потенцијал и го потикнувме економскиот развој во охридскиот регион.
Извештај од надзорот за прогрес на работите на Коридор 8 и 10д за периодот 01.04.2025 – 30.04.2025
Извештајот од надзорот за прогрес на работите на Коридор 8 и 10д за периодот 01.04.2025 – 30.04.2025 може да го преземете во pdf формат тука.