ДЕНЕС ЗАВРШУВА АСФАЛТИРАЊЕ НА НАЈОШТЕТЕНИОТ ДЕЛ ОД ДЕЛНИЦАТА НЕГОТИНО – КАВАДАРЦИ – ДРЕНОВО

Во рамките на работната посета на општина Кавадарци директорот на ЈП за државни патишта Александар Стојанов и градоначалникот на општина Кавадарци Александар Панов направија увид во градежните активности со кои се реализира  асфалтирање на најоштетениот дел на делницата Неготино-Кавадарци –Дреново.

Активностите на оваа делница се  повеќегодишни и се имплементирани во Програмата за одржување на ЈП за државни патишта, како проект на Владата на Република Македонија.

Овој проект отпочна минатата година кога беа асфалтирани 1,2 км. во вредност од 8,5 милиони денари. Оваа година завршена е  рехабилитација на патот  во  должина од 1,8 км, од кои  800 м се асфалтирани на  излезот од Кавадарци кон Дреново. Вредноста на работите кои ги изведува ЈП Македонија пат е околу 12 милиони денари.

Проектот ќе продолжи и наредните две години, а неговата вкупна инвестициона вредност изнесува 30 милиони денари.

Интензивирани градежните активности на клучка Смилковци

Директорот на ЈП за државни патишта Александар Стојанов денес направи увид во текот на градежните активности за изградба на кучката кај месноста Смилковци. Изградбата на оваа клучка започна во март  годинава и според активностите на терен кои се во полн ек,  завршени се повеќе од 60 проценти од градежните работи.

Иако предвидениот рок за изградба на клучката е 12 месеци, односно до март наредната година, според активностите на терен истата ќе биде завршена пред предвидениот рок. Со завршувањето на оваа клучка за околу 10 км. ќе се скрати патувањето до центарот на градот, а со тоа  ќе се овозможи побрз и побезбеден транспорт на околу 8000 жители од 5 населени места.

Инвестицијата е во вредност од околу 40 милиони денари.

ЗАПОЧНА РЕКОНСТРУКЦИЈА НА ЛОКАЛНИОТ ПАТ „ГОРНО ЛИСИЧЕ“ ВО ОПШТИНА АЕРОДРОМ

Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Александар Стојанов и градоначалникот на Општина Аеродром, Ивица Коневски го означија почетокот на реконструкција на локален пат во Горно Лисиче.

Должината на реконструкцијата на локалниот пат „Горно Лисиче“ изнесува околу 1,7 километри, инвестиција во вредност од 14 милиони денари.

Реконструкцијата вклучува нивелирање на шахти и санирање на прекопи. Покрај обновувањето со нов асфалтен слој со широчина од околу седум метри, ќе се обноват и тротоарите со бекатон-плочки.

Минатиот месец во Горно Лисиче отпочна реконструкцијата  на локалниот пат  „Тодор Чангов“ во  должина од 1660 метри.