ВАЖНО ИЗВЕСТУВАЊЕ ДО КОРИСНИЦИТЕ НА НАПЛАТНИТЕ СТАНИЦИ

Јавното претпријатие за државни патишта ги известува корисниците на услугите на наплатните станици дека согласно со оперативните измени во функционирањето на системот за наплата, почнувајќи од 15.06.2026 година, на наплатните станици (патарините) лентите означени за MTAG ќе бидат наменети ИСКЛУЧИВО ЗА КОРИСТЕЊЕ ОД СТРАНА НА КОРИСНИЦИ СО ЕЛЕКТРОНСКИ ТАГОВИ.

Со наведената измена, вршењето на наплата со MCard на овие ленти се укинува. Корисниците кои користат MCard ќе ја реализираат наплатата на останатите достапни ленти на наплатната станица, согласно со нивната намена.

ЈПДП укажува и апелира до корисниците на строго почитување на вертикалната и хоризонталната сигнализација, како и на информативните електронски табли поставени пред и на самите наплатни станици, каде е извршена јасна категоризација на лентите по вид на плаќање:

  • електронска наплата (MTAG / MCARD)
  • готовинско плаќање (CASH)

Воедно, за непречено и безбедно одвивање на сообраќајот, корисниците се должни да ја следат сигнализацијата за статусот на лентите:

  • зелена стрелка – означува активна (отворена) лента
  • црвен икс (X) – означува затворена лента

Непочитувањето на означувањето и намената на лентите може да предизвика застои во сообраќајот и да влијае врз безбедноста и ефикасноста на сообраќајот.

Ова известување се објавува со цел благовремено информирање и прилагодување на корисниците кон измените во системот за наплата.

ЈПДП ја проширува мрежата за продажба на М-таг уреди преку соработка со А1 Македонија и Македонски Телеком

Јавното претпријатие за државни патишта ја проширува продажната мрежа за М-таг уредите за електронска наплата на патарина. Преку стратешко партнерство со мобилните оператори А1 Македонија и Македонски Телеком, уредите сега стануваат подостапни за граѓаните во сите нивни продажни салони низ државата.

Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Коце Трајановски заедно со главните извршни директори на А1 Македонија, Методија Мирчев, и на Македонски Телеком, Горан Марковиќ, ја потврдија соработката која е одговор на барањата на возачите за побрза и поефикасна услуга.

Наместо досегашната практика за набавка на уредите исклучиво на наплатните станици низ дражава или во просториите на ЈПДП во Центар, граѓаните отсега можат да го набават својот М-таг уред во најблиското продажно место на двата мобилни оператори.

„Нашата крајна цел е модернизација и минимално човечко присуство во наплатата. Со стимулирање на електронското плаќање, обезбедуваме побрз проток на возилата, ја зголемуваме безбедноста и, што е најважно, ги елиминираме можностите за злоупотреба на системот,“ изјави директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Коце Трајановски.

Паралелно со дигитализацијата, ЈПДП работи и на теренско проширување. Деновиве започна доградбата на наплатната станица Миладиновци, со цел да се отстрани „тесното грло“ на оваа делница. До завршување на работите, се апелира возачите да ја користат наплатната станица во Петровец која има поголем капацитет.

 

 

Коридор 8 под лупа: Како напредува изградбата на автопатските делници?

Денеска беше извршен увид во градежните активности на автопатските делници Гостивар-Букојчани и Кичево-Охрид, кои се дел од Коридорот 8,  еден од најзначајните инфраструктурни проекти во државата.

Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Коце Трајановски, заедно со претседателот на Владата на РС Македонија, Христијан Мицкоски и потпретседателот на Владата, Александар Николоски, при увидот долж трасата констатираа значителен напредок во изведбата, добрата организација на терен и висока ангажираност на механизацијата и работната сила.

Коридорот 8 има стратешко значење за државата и претставува клучен проект за подобрување на патната поврзаност, зголемување на безбедноста во сообраќајот и поттикнување на економскиот развој. Со реализацијата на овие делници, државата дополнително се позиционира како важна транзитна рута и активен дел од европските транспортни мрежи.

„Во однос на градежните активности на делницата Гостивар-Букојчани во моментов активно се работи на 11 километри од вкупно планираните 31 километар. Во функција се кампот за 1200 лица и базата за бетон. Мостот B0070 на седмиот километар е целосно прооден, а во тек се завршни работи на коловозот. Активно се работи и на два моста, еден натпатник и заштита на косини кај Гостивар и околните населени места. Генералниот напредок на оваа делница изнесува 59,98%. И на делницата Тетово-Гостивар непречено се работи на околу 14 од вкупно 17,5 километри, со активни инфраструктурни и земјени работи без нарушување на сообраќајот во околните населени места. “, рече во изјавата за медиумите директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Коце Трајановски.

На автопатот Кичево–Охрид покрај изградбата на 6-те галерии и 8-те потпорни ѕидови, се реализираше и планско пошумување на косините со цел нивна долгорочна стабилизација и заштита од ерозија. Во периодот ноември–февруари беа засадени 200.000 садници на четири подделници. Засадени се бор, багрем и јавор, а контролите покажуваат одличен напредок на садниците. Со оваа активност се обезбедува поголема безбедност на патот и подобрување на животната средина.

Автопатот Кичево–Охрид, во должина од 57 километри, влегува во завршна фаза. Вкупната вредност на проектот изнесува 803 милиони евра, од кои досега се реализирани околу 629 милиони евра. На терен се ангажирани 953 работници и над 400 градежни машини под водство на „Синохидро“, како и домашните компании „Гранит“ и „Илинден“. Проектот се реализира со стабилна финансиска динамика и со фокус на квалитетна и безбедна патна инфраструктура.

Продолжува и рехабилитацијата на превојот Пресека, на делниците Извор-Врбјани и Ботун-Климештани, во должина од 15,1 километри. Проектот е вреден околу 6,5 милиони евра, а реализацијата моментално изнесува 50%. Во тек се активности за поставување нов асфалт и современа безбедносна опрема. Рокот за завршување е октомври 2026 година.

Надлежните институции и Владата остануваат целосно посветени на континуирано следење на реализацијата на проектите, почитување на роковите и обезбедување современа и безбедна патна инфраструктура во интерес на граѓаните и долгорочниот развој на државата.

Трајановски и Чен Чен го потпишаа Анекс бр.8 од Договорот за изградба на автопатот Кичево – Охрид

По претходно потпишување на Анексот бр. 8 на Договорот за изградба на автопатот Кичево – Охрид од страна на Заменик претседател на Владата задолжен за политички систем Њупчо Димовски, и од вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, денеска потпис на Анексот 8 ставија и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Коце Трајановски и генералниот претставник на Синохидро во Македонија г-дин Чен Чен.

 

Со Анексот бр. 8 од Договорот треба да се овозможи дозвршување на градежните работи на автопатот во изградба, при што се предвидуваат дополнителни 186 милиони евра, и краен рок за завршување 31 мај 2027 година. Ова е потребно заради непредвидени и дополнителни нови градежни работи кои се нужни и неопходни за целосно и квалитено завршување на проектот и на активности поврзани со:

  1. Санација на 14 свлечишта и обезбедување на глобална стабилност
  2. Еластична Одбојна Ограда со примена на EN 1317 Стандард,
  3. Изградба на контролен центар,
  4. Дополнителните работи за изградба на паралелни патишта.

Со ова се надминати проектните предизвици со косините и свлечиштата и може да се продолжи поинтензивно со градежните активности.

Инаку, во изминатиот период, посебно во минатата година, со силна поддршка на Владата се забрза напредокот на проектот па така на 13 јули, 7 септември и 31 декември 2025 година предвремено се овозможи пуштање во сообраќај на 13,5 км, 12,34 км и 2,12 км од првите делови од главната траса на потегот од Врбјани до Ботун, како и Климештани-Охрид, со вкупна должина на двата коловоза од 27,96 км. Исто така, беа изградени и дел од пристапните патишта за околните села, при што се постигнаа значајни резултати во текот на различните фази на изградбата.

 

Трајановски:„Успешно завршена рехабилитацијата на државниот пат А2 – обиколница на Крива Паланка“

Јавното претпријатие за државни патишта успешно ја заврши рехабилитацијата на државниот пат А2, обиколницата на Крива Паланка, значаен инфраструктурен проект за унапредување на безбедноста и регионалната поврзаност.

Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Коце Трајановски, заедно со претседателот на Владата на РСМ, Кристијан Мицкоски, министерот за транспорт Александар Николоски, со бројни политичари, советници, но и претставници на медиумите на терен се уверија во квалитетот на реализацијата на повеќемесчниот проект за рехабилитација.

Станува збор за делница со должина од 4,5 километри и ширина од 7,5 метри, со две коловозни ленти од по 3,5 метри и банкини со ширина од 1,30 метри. Во делот што минува низ населено место изградени се тротоари со широчина од 4 метри од десната и од 2 до 2,5 метри од левата страна, со што дополнително се зголемува безбедноста на пешаците. Изведувач на работите беше компанијата Гранит, додека надзорот го вршеше Евро Консалтинг во соработка со Диви Македонија.

Вкупната инвестициона вредност изнесува 74.750.504 денари, односно 1.215.455 евра. Во рамки на проектот беа реконструирани и зајакнати 2 моста, исчистени и санирани се 6 пропусти, поставена нова современа вертикална и хоризонтална сигнализација, како и монтирана нова челична заштитна ограда согласно со европскиот стандард ЕН1317.

Во градежниот дел извршена е еднослојна и двослојна рехабилитација на коловозот, а на најоштетените делови е извршено целосно отстранување на постојната коловозна конструкција и изведба на нов тампон и двослојни асфалтни слоеви, со што се обезбедува долготрајност и повисок квалитет на изведбата.

Со реализацијата на овој проект значително се подобрува безбедноста во сообраќајот, се намалуваат трошоците за одржување на возилата и се зголемува удобноста при патувањето. Делницата функционално се поврзува со експресниот пат кон Страцин на запад и со реконструираниот пат до граничниот премин Деве Баир на исток.

Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Коце Трајановски, истакна:

„Денеска зборуваме за еден значаен инфраструктурен проект – рехабилитацијата на државниот пат А2, обиколницата на Крива Паланка. Со оваа инвестиција значително ја подобруваме безбедноста, квалитетот и функционалноста на овој патен правец. Ова не е само реконструкција на пат – ова е инвестиција во развојот на регионот, во побезбедна иднина и во подобра поврзаност на нашата држава.“

ЈПДП продолжува со реализација на проекти за модернизација и унапредување на државната патна мрежа во интерес на граѓаните и економскиот развој на државата.

Трајановски: „Делницата Гостивар – Букојчани е сериозен инженерски потфат во сложен планински предел!

Гостивар – Букојчани е една од четирите делници што се градат на Коридорот 8 и Коридорот 10, и во моментов е овозможена непречена работа на близу 35 % од вкупната должина, односно се работи на 11 км од вкупно 31 км, а работите се изведуваат од 4-тиот до 13-тиот километар.

Токму на овој потег увид по трасата извршија директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Коце Трајановски, заедно со претседателот на Владата на РСМ, Кристијан Мицкоски, министерот за транспорт Александар Николоски, Н.Е. Никол Варнс, вршител на должноста Амбасадор на Соединетите Американски Држави, претставници на Бехтел и Енка и други политичари, со цел да се уверат во динамиката на изведбата.

Во изјава за медиумите директорот Трајановски констатира дека има одлично темпо на работа и во зимскиот период, дека активно се работи на 4 моста и 1 натпатник, и дека мостот-близнак кој минува преку долината и над постојниот канал за наводнување (водовод), е еден сериозен инженерски потфат и еден од најголемите во државата со 386 метри должина.

„Мостот има вкупно 22 столба, каде највисокиот столб е речиси 41 метар, а неговата вкупна ширина е 24,52 м. Секој коловоз посебно има по 11,57 м, и содржи по 2 ленти за возење со ширина 3,50 м, и една лента за запирање со ширина 2,75 м. Помеѓу нив има безбедносен простор -таканаречени Њу Џерси бариерите од 80 см (50 см + 30 см). Исто така, и на двата краја на мостот се имплементирани Њу Џерси бариери во ширина од 51 см. Мостот е во завршна фаза од неговата изградба и може да се вози по двете коловозни ленти.

Инаку, генералниот напредок на завршените работи на 11-те км на кои непречено се одвиваат работите во процентуални вредности изнесува речиси 59%. Само во период од една недела на оваа делница извршен е ископ од околу 45.000 м3, насип од околу 1.800 м3, а ангажирани се околу 590 работници, вклучени се повеќе од 500 различни машини и механизација, и околу 55 камиони. Во наведените бројки се вклучени и сите локални подизведувачи и компании од разни области кои се околу 15-тина на број. За потребите на работниците на Бехтел и Енка, пак изграден е камп за привремено сместување и работа со капацитет за повеќе од 1200 лица“, изјави директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Коце Трајановски .

Работите се одвиваат во близина на населените места места Дебреше, Здуње, Гостивар, Бањица, Митрој Крсти каде се врши и ископ на материјали за насип и подготовка на бетонските елементи за вградување во објектите на трасата. Со несмалено темпо се работи и на останатите две делници кои ги гради Бехтел и Енка, Тетово-Гостивар и Прилеп-Битола.

 

Средба меѓу директорот на ЈПДП и новоименуваната амбасадорка на Народна Република Кина

Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП), Коце Трајановски, оствари средба со новоименуваната амбасадорка на Народна Република Кина во Република Македонија, Нејзината Екселенција Џијанг Сјаојан (Jiang Xiaoyan).
На средбата беше изразено заедничко задоволство од досегашната соработка меѓу двете земји, како и очекување дека новата амбасадорка ќе придонесе за понатамошно продлабочување на пријателските односи и унапредување на соработката во областа на економијата, инфраструктурата и инвестициите.

Во таа насока беше истакнато дека ЈПДП веќе има воспоставена успешна соработка со Народна Република Кина преку кинеската компанија „Синохидро“, која е изведувач на автопатот Кичево–Охрид, еден од најзначајните инфраструктурни проекти во државата.
Директорот Трајановски во својата изјава нагласи дека соработката со кинеските институции и компании веќе дава конкретни резултати:

„ЈПДП веќе има една успешна соработка со Ексим Банката на Народна Република Кина, со чија финансиска поддршка преку кредит беа обезбедени средства за изградба на автопатот Миладиновци–Штип, како и за реализација на автопатот Кичево–Охрид, чија изградба на овие капитални инфраструктурни проекти е доверена на кинеска градежна компанија ‘Синохидро’, која работеше и на изградба и на Градско-Дреново, односно на делот од експресниот пат Фариш-Дреново, како и на изградбата на експресниот пат Штип-Кочани, односно Крупиште-Кочани. Сето ова претставува цврста основа за понатамошно унапредување и проширување на соработката меѓу двете земји“, изјави Трајановски.
Директорот Трајановски и амбасадорката Сјаојан констатираа дека соработката во инфраструктурата и инвестициите ќе продолжи.

Кратка биографија на избраниот кандидат Елвис Муслији по објавениот Јавен повик бр. 06/2025 за пројавување на интерес за пријавување на кандидати за избор на  1 (еден) член на Управниот одбор на Јавно претпријатие за државни патишта.

Кратката биографија на избраниот кандидат Елвис Муслији, по објавениот Јавен повик бр. 06/2025 за пројавување на интерес за пријавување на кандидати за избор на  1 (еден) член на Управниот одбор на Јавно претпријатие за државни патишта може да ја преземете во pdf формат тука.