Средба Рустеми-Дехари

Директорот на Јавното претпријатие за државни патишт Ејуп Рустеми оствари работна средба со градоначалникот на Општина Кичево Фатмир Дехари. На средбата се разгледуваше прашањето поврзано со проектот за изградбата на автопатската делница А2 Кичево–Букојчани, кој е во фаза на консултации со јавноста согласно со правилата на ЕБОР кој го помага финансиски проектот.

Проектната документација предвидува должината на оваа автопатската делница да биде 12,7 км со вкупна ширина на коловозот во насока на возење од 10,5 м.

Проектот вклучува: подвозници, одводнување, цевчести и врамени пропусти, 3 мостови, 3 вијадукти и тунел кај Колибари. Исто така, проектот ќе вклучува и привремени објекти, како што е изградба на пристапни патеки и градилишни кампови.
Инаку, автопатот A2 Букојчани – Кичево, е дел од Коридорот  8, и со него се поврзува границата со Бугарија со границата со Албанија. Автопатот ќе се изгради за да се подобри патната поврзаност во земјата, но и со соседните земји, и да се подобри нивната економска и социјална размена.

Постојниот државен пат до Охрид се движи паралелно со усвоената траса, како и со железничка линија Кичево–Гостивар, којашто предложената траса ја пресекува на повеќе места.

ЈПДП во моментот работи со проектантите на патот на решение со кое ќе ги минимизира ефектите од откупот на земјиштето секаде каде што е тоа можно. Во таа насока, беше и денешната средба на директорот Рустеми и со дел од локалното население кое има свои иницијативи поврзани со проектот. Тој ги сослуша и изрази надеж и заложби за надминување на состојбата.

Деталното проектно решение во моментот се финализира и се очекува да биде конечно фиксирано во првиот квартал од 2021 година.

Одлука за неспроведување на стратегиска оцена при подготовка на Проекти за инфраструктура за изградба на автопат А4, делница ГП „Блаце“– Скопје (клучка „Стенковец“), Општина Чучер Сандево

Врз основа на член 65 став (6) од Законот за животната средина („Сл.весник на РМ” бр. 53/05, 81/05, 24/07, 159/08, 83/09, 48/10, 124/10, 51/11, 123/12, 93/13, 187/13, 42/14, 44/15, 39/16, 99/18), Јавното претпријатие за државни патишта, на ден 30.12.2020 година, донесе Одлука за неспроведување на стратегиска оцена при подготовка на Проектите за инфраструктура за изградба на автопат А4, делница ГП „Блаце“– Скопје (клучка „Стенковец“), Општина Чучер – Сандево (вкупна должина ~12.5 km). Целосната Одлука и формуларите може да ги најдете подолу.
Против оваа одлука јавноста има право на жалба до Министерство за животна средина и просторно планирање во рок од 15 дена од денот на објавување на одлуката на веб страната на ЈП за државни патишта (сметано од 14.01.2021 година)