Почнува изградбата на 46 локални патни правци во 38 општини

Премиерот Никола Груевски  во рамките на неговата посета на општина Кавадарци го пушти во употреба на реконструираниот пат од месноста Ладно Долче кон селата Страгово и Крњево .
– Патот е од секојдневна важност за повеќе села како Страгово, Крњево,  Чемерско, Бохула, Горна и Долна Бошава. Воедно, патот е од посебно значење и за шумското стопанство, локалните земјоделци и лозари, но и за сите граѓани кои одовде се упатуваат кон поволните излетнички места и посебно кон ски центарот Кожуф, нагласи премиерот Груевски, додавајќи дека патот во изминатиот период беше во многу лоша состојба со ширина од 3 метри и со многу нерамнини и дупки.

ФОТО : МИА

– Ние како Влада издвоивме 46 милиони денари со кои се изведе комплетна реконструкција и проширување во должина од околу 5 километри. Градежните активности завршија минатата година и граѓаните веќе ги почувствуваа придобивките од овој пат, рече премиерот Груевски.
Директорот на ЈП за државни патишта Владо Мисајловски  истакна дека локалните правци, иако поврзуваат села и помали региони, се од големо значење за квалитетот за животот во населените места и за регионалниот развој на општините. За да ја подобри локалната патна инфраструктура, општина Кавадарци аплицираше за рехабилитација и реконструкција на неколку локални патни правци и тоа од регионалниот пат 107 до село Ресава, од село Ресава до село Бегниште и локалниот пат Ладно Долче – Крњево – Страгово со вкупна должина од околу 17 километри.

Отпочна санацијата на мостот на реката Пчиња

Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Владо Мисајловски направија увид во градежните работи на мостот на реката Пчиња во селото Долно Коњаре.
Јанакиески посочи дека ова е само еден од четири мостови кои интензивно се санираат, а за два моста кои претрпеа поголеми штети од поплавите во тек е изготовка на проект за нивна санација.
-Ова е значаен мост за жителите на ’Ржаничино и Коњаре бидејќи ги поврзува овие две населени места. Санацијата се очекува да биде готова до април годинава, а за оваа намена се издвоени 3,5 милини денари, истакна Јанакиески.

Како што нагласи Мисајловски, мостот долг 136,60 метри, а широк  четири метри, има 22 отвора, со меѓусебно растојание на столбни места од 5,6 метри.  Критични и неопходни за санација се две столбни места на средината.
– Санацијата  е неопходна зашто е изграден во 1983 година. Дното на речното корито е веќе спуштено, водата со текот на времето го поткопала поради што е зголемена висината на столбовите, а тоа негативно влијае на стабилноста на мостот, изјави Мисајловски.
Тој информира дека минатата година почна изградбата на два нови моста, кај Злеово во општина Радовиш и на реката Злетовска кај село Пишица, општина Чешиново – Облешево. Кон крајот на 2014-та стартуваше и санацијата на мостот на Вардар на делницата Желино-Сиричино.
– Санацијата на овие четири моста ќе заврши во првата половина на годината, а за нив ќе бидат одвоени вкупно 61 милиони денари, подвлече тој.
Годинава приоритет, како што нагласи Мисајловски, ќе биде санацијата на мостот на река Брегалница на делницата Кочани – Зрновци кој беше оштетен од неодамнешните поплави и за кој во моментов се подготвува техничко решение за градежно-санациони работи на мостот.