Skip to content

Отпочна санацијата на мостот на реката Пчиња

Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Владо Мисајловски направија увид во градежните работи на мостот на реката Пчиња во селото Долно Коњаре.
Јанакиески посочи дека ова е само еден од четири мостови кои интензивно се санираат, а за два моста кои претрпеа поголеми штети од поплавите во тек е изготовка на проект за нивна санација.
-Ова е значаен мост за жителите на ’Ржаничино и Коњаре бидејќи ги поврзува овие две населени места. Санацијата се очекува да биде готова до април годинава, а за оваа намена се издвоени 3,5 милини денари, истакна Јанакиески.

Како што нагласи Мисајловски, мостот долг 136,60 метри, а широк  четири метри, има 22 отвора, со меѓусебно растојание на столбни места од 5,6 метри.  Критични и неопходни за санација се две столбни места на средината.
– Санацијата  е неопходна зашто е изграден во 1983 година. Дното на речното корито е веќе спуштено, водата со текот на времето го поткопала поради што е зголемена висината на столбовите, а тоа негативно влијае на стабилноста на мостот, изјави Мисајловски.
Тој информира дека минатата година почна изградбата на два нови моста, кај Злеово во општина Радовиш и на реката Злетовска кај село Пишица, општина Чешиново – Облешево. Кон крајот на 2014-та стартуваше и санацијата на мостот на Вардар на делницата Желино-Сиричино.
– Санацијата на овие четири моста ќе заврши во првата половина на годината, а за нив ќе бидат одвоени вкупно 61 милиони денари, подвлече тој.
Годинава приоритет, како што нагласи Мисајловски, ќе биде санацијата на мостот на река Брегалница на делницата Кочани – Зрновци кој беше оштетен од неодамнешните поплави и за кој во моментов се подготвува техничко решение за градежно-санациони работи на мостот.

Сподели: