Skip to content

Трајановски: „Делницата Гостивар – Букојчани е сериозен инженерски потфат во сложен планински предел!

Гостивар – Букојчани е една од четирите делници што се градат на Коридорот 8 и Коридорот 10, и во моментов е овозможена непречена работа на близу 35 % од вкупната должина, односно се работи на 11 км од вкупно 31 км, а работите се изведуваат од 4-тиот до 13-тиот километар.

Токму на овој потег увид по трасата извршија директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Коце Трајановски, заедно со претседателот на Владата на РСМ, Кристијан Мицкоски, министерот за транспорт Александар Николоски, Н.Е. Никол Варнс, вршител на должноста Амбасадор на Соединетите Американски Држави, претставници на Бехтел и Енка и други политичари, со цел да се уверат во динамиката на изведбата.

Во изјава за медиумите директорот Трајановски констатира дека има одлично темпо на работа и во зимскиот период, дека активно се работи на 4 моста и 1 натпатник, и дека мостот-близнак кој минува преку долината и над постојниот канал за наводнување (водовод), е еден сериозен инженерски потфат и еден од најголемите во државата со 386 метри должина.

„Мостот има вкупно 22 столба, каде највисокиот столб е речиси 41 метар, а неговата вкупна ширина е 24,52 м. Секој коловоз посебно има по 11,57 м, и содржи по 2 ленти за возење со ширина 3,50 м, и една лента за запирање со ширина 2,75 м. Помеѓу нив има безбедносен простор -таканаречени Њу Џерси бариерите од 80 см (50 см + 30 см). Исто така, и на двата краја на мостот се имплементирани Њу Џерси бариери во ширина од 51 см. Мостот е во завршна фаза од неговата изградба и може да се вози по двете коловозни ленти.

Инаку, генералниот напредок на завршените работи на 11-те км на кои непречено се одвиваат работите во процентуални вредности изнесува речиси 59%. Само во период од една недела на оваа делница извршен е ископ од околу 45.000 м3, насип од околу 1.800 м3, а ангажирани се околу 590 работници, вклучени се повеќе од 500 различни машини и механизација, и околу 55 камиони. Во наведените бројки се вклучени и сите локални подизведувачи и компании од разни области кои се околу 15-тина на број. За потребите на работниците на Бехтел и Енка, пак изграден е камп за привремено сместување и работа со капацитет за повеќе од 1200 лица“, изјави директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Коце Трајановски .

Работите се одвиваат во близина на населените места места Дебреше, Здуње, Гостивар, Бањица, Митрој Крсти каде се врши и ископ на материјали за насип и подготовка на бетонските елементи за вградување во објектите на трасата. Со несмалено темпо се работи и на останатите две делници кои ги гради Бехтел и Енка, Тетово-Гостивар и Прилеп-Битола.

 

Сподели: