Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Коце Трајановски заедно со градоначалникот на Општина Гази Баба Бобан Стефковски и градоначалникот на Општина Петровец Борче Митевски извршија увид во отпочнувањето на работите на повеќе локации на регионалниот пат Р1102 на потегот од Хиподром до Ржаничино, пат кој е многу фреквентен и по кој дневно поминуваат десетици илјади возила меѓу кои и многу товарни возила.
Рехабилитацијата ќе ги опфати најоштетените делови на коловозот и вкупно со овие активности на повеќе локации ќе се обнови 30 000 м² асфалт, односно околу 4,3 километри. Овие активности се одвиваат преку Програмата за одржување и заштита на државните патишта која, пак се реализира преку Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта попозната како ЈП Македонијапат.
Трајановски најави и дека ЈПДП ќе се посвети и на делот од државниот пат Р1102 делница Хиподром–Петровец за што е во подготвка Проектна програма за изработка на проектна документација за реконструкција со подобрување на геометриските елементи на патот, решавање на одводнувањето на делницата, како и подобрување на режимот на сообраќај со кружни текови на соодветни места со што ќе се олесни протокот на сообраќајот.
Исто така, се подготвува и Проектна програма за изработување на проектна документација за патен јазол „Јурумлери“ на државниот пат А4, кој треба да овозможи врска на населените места Јурумлери и Илинден со автопатот А4 кон Скопје, но и кон Велес и Гевгелија. Локацијата на овој патен јазол е помеѓу патните јазли „Хиподром“ и „Мралино“.
Директорот Трајановски упати апел до граѓаните кои гравитираат по оваа делница и секојдневно го користат патот да бидат трпеливи додека трае рехабилитацијата и внимателно да ги следат сообраќајните знаци заради нивна безбедност, но и заради безбедноста на останатите учесници во сообраќајот.