Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Коце Трајановски, заедно со премиерот на Владата Христијан Мицкоски, со министерот за транспорт и вицепремиер Александар Николоски, како и градоначалникот на Општина Велес извршија увид во рехабилитацијата на регионалните патни правци кои транзитираат низ Велес Р1102 и Р1312, односно влезовите во градот Велес север и исток. Со оваа рехабилитација Велес доби безбеден и сигурен регионален пат по кој месното население може да сообраќа без тешкотии.
„Јавното претпријатие за државни патишта има два регионални патни правци што поминуваат низ Велес и тоа P1102 и Р1312 кои ги финансираме и за кои обезбедивме 44 милиони денари во рамки на програмата за инвестиционо одржување на државните патишта, а ЈП Македонијапат ги изведе градежните работи за рехабилитација. Ова е еден добар пример за соработка со локалната самоуправа и секако за соработка со Владата. Би сакал да потенцирам дека за жал голем дел од градовите немаат обиколници и затоа ЈПДП започна со изгарадба на обиколница на Тетово, а обиколниците во Ресен и Кавадарци се во проектитрње и се надеваме дека следната година тие обиколници ќе ги градиме и откако ќе ги изградиме тие да бидат во надлежност на локалната самоуправа, а не на ЈПДП. Исто така, сакам да споменам за еден горлив проблем овде, а тоа мостот на реката Вардар кај Башино село кој е во многу лоша состојба и затоа Јавното претпријатие за државни патишта овој месец ќе отвори јавна набавка за проектирање на нов мост на река Вардар. При тоа се надеваме дека изборот ќе биде во јануари, а до летото ќе биде готов и проектот и некаде следната година октомври- ноември да се почне и со изградба на мостот кај реката Вардар”-изјави директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Коце Трајановски.