Skip to content

Рустеми: „Финишираат работите на делницата Фариш-Прилеп во должина од 19 км за што издвоивме 4.07 милиони евра“

„Патниот правец од Градско кон Прилеп е еден од пофреквентните правци и дневно овде се движат околу пет илјади возила, но карактеристично за оваа делница е зголемена фреквенција на тежок сообраќај кој е околу 18 % од вкупниот сообраќај. Ова се чини е нормално со оглед на фактот што овој пат поврзува два значајни земјоделско-индустриски региони, Пелагонискиот и Вардарскиот. Пелагонискиот регион, пак на југ граничи со Република Грција и Република Албанија и од тие причини е значаен за патното поврзување кое е дел од коридорот 10Д. Овде се вкрстуваат патни и железнички јазли кои се дел од меѓународната рута“. Ова го изјави директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми при увидот во градежните работи кој ги изврши заедно со премиерот на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски и министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски.

Тој додаде: „Граѓаните кои гравитираат кон Прилеп и Битола, многу добро знаат дека овие 20тина километри се најтешките за возење посебно во период каков што доаѓа, а тоа е зимата. Затоа преземавме градежни активности со цел полесно, побезбедно и посигурно патување и отпочнавме со рехабилитација на делницата Фариш-Прилеп во должина од 19 км за што издвоивме средства со помош на ЕБОР во висина од 4.07 милиони евра. Како што гледате работите се пред самиот финиш. Им благодариме на Изведувачот на работите Стентон Градба и Грин Лајн со надзорот Диви за изведбата на рехабилитацијата. Очекуваме почетокот на зимата граѓаните од овој регион да возат по нова рехабилитирана делница што ќе значи и нивна поголема сигурност и безбедност“, изјави Рустеми.

Јавно претпријатие за државни патишта и Владата на РСМ инвестират во повеќе проекти во овој регион. Интензивно се работи и на експресниот пат Градско-Дреново, на кој во иднина треба да се надоврзи и изградбата на автопатот Прилеп-Битола кој треба да го гради американско-турскиот конзорциум Бехтел и Енка, а со отпочнатата рехабилитацијата на магистралниот пат Битола-Меџитлија ќе се поврземе брзо и безбедно и со Република Грција.

Сподели: