Skip to content

Рустеми: „Целосно пробиена левата тунелска цевка во правец кон Прилеп што се гради на експресниот пат Градско-Дреново“

Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми, заедно со министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, заменик министерот Беким Реџепи и заменик директорот Благојче Трпевски присуствуваа на целосното пробивање на левата тунелска цевка во правец кон Прилеп што се гради на експресниот пат Градско-Дреново.

Имено, еден од покарактеристичните процеси при изградба на нови патишта е процесот на пробивање и градење на тунели и токму затоа во присуство на првите луѓе на институциите и на медимумите го здогледавме заедно „светлото на крајот од тунелот“ на левата цевка со должина од 139 метри. Другата, десна тунелска цевка, која е во правец кон Градско ќе биде со должина од 150 метри. Ширината на коловозните ленти во секој тунел ќе изнесува по 3,5 метри додека пешачките патеки ќе бидат по еден метар.

„Oчекуваме рокот да биде запазаен бидејќи Изведувачот е комплетно мобилизиран и ги има сите потребни ресурси во кадар, работна сила, механизација и опрема. Ова ќе биде 14 тиот тунел на патиштата во државата. Територијата на Република Северна Македонија 85,5 проценти е планинска и е седма земја во светот на листата на топ 10 најпланински земји според процентот од вкупната територија. А сите ние сме свесни колку е тешко да се гради на планинска територија. Токму таков е и овој дел и на само десет километри растојание во овој појас се градат тунели, мостови, подвозници, клучка, вијадукт и други објекти. За овие 10.2 км се издвоивме 33,3 милиони евра средства обезбедени од ЕБОР“, изјави директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми.

Инаку, изградбата на експресниот пат Градско-Дреново е поделена на три фази, а во исто време веќе започнавме и со рехабилитација на патниот правец Фаришка клисура–Прилеп, превој Плетвар, во должина од 19 км и вредност од 5,6 милиони евра со што значително ќе се подобри патната инфраструктура што води кон Пелагонија. Сето ова значи скратување на времетраењето на патување кон главниот град, но уште поважно, зголемување на безбедноста на граѓаните при патувањето и пред сѐ стимулација на економскиот развој на општините во Пелагонискиот регион.

Сподели: