Рустеми: „Целосно пробиена левата тунелска цевка во правец кон Прилеп што се гради на експресниот пат Градско-Дреново“

Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми, заедно со министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, заменик министерот Беким Реџепи и заменик директорот Благојче Трпевски присуствуваа на целосното пробивање на левата тунелска цевка во правец кон Прилеп што се гради на експресниот пат Градско-Дреново.

Имено, еден од покарактеристичните процеси при изградба на нови патишта е процесот на пробивање и градење на тунели и токму затоа во присуство на првите луѓе на институциите и на медимумите го здогледавме заедно „светлото на крајот од тунелот“ на левата цевка со должина од 139 метри. Другата, десна тунелска цевка, која е во правец кон Градско ќе биде со должина од 150 метри. Ширината на коловозните ленти во секој тунел ќе изнесува по 3,5 метри додека пешачките патеки ќе бидат по еден метар.

„Oчекуваме рокот да биде запазаен бидејќи Изведувачот е комплетно мобилизиран и ги има сите потребни ресурси во кадар, работна сила, механизација и опрема. Ова ќе биде 14 тиот тунел на патиштата во државата. Територијата на Република Северна Македонија 85,5 проценти е планинска и е седма земја во светот на листата на топ 10 најпланински земји според процентот од вкупната територија. А сите ние сме свесни колку е тешко да се гради на планинска територија. Токму таков е и овој дел и на само десет километри растојание во овој појас се градат тунели, мостови, подвозници, клучка, вијадукт и други објекти. За овие 10.2 км се издвоивме 33,3 милиони евра средства обезбедени од ЕБОР“, изјави директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми.

Инаку, изградбата на експресниот пат Градско-Дреново е поделена на три фази, а во исто време веќе започнавме и со рехабилитација на патниот правец Фаришка клисура–Прилеп, превој Плетвар, во должина од 19 км и вредност од 5,6 милиони евра со што значително ќе се подобри патната инфраструктура што води кон Пелагонија. Сето ова значи скратување на времетраењето на патување кон главниот град, но уште поважно, зголемување на безбедноста на граѓаните при патувањето и пред сѐ стимулација на економскиот развој на општините во Пелагонискиот регион.

Билатерална средба на Рустеми и Бербери

Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми оствари билатерална средба со генералниот директор на Албанската патна управа, Евис Бербери.

На средбата двајцата директори во присуство на нивните тимови разговараа на повеќе теми кои се од заедничка сфера;

Една од темите беше определување на заедничката точка на Коридор 8 меѓу Република Северна Македонија и Република Албанија која ќе биде во функција на подобро патно поврзување помеѓу двете земји.

Исто така, Рустеми и Бербери разговараа и за темите коишто произлегуваат од иницијативата Отворен Балкан.

Во таа насока беше и дефинирањето на задачите и обврските од имплементацијата на одлуката на иницијативата Отворен Балкан која се однесува на интероперабилноста за електронско плаќање на патарините на ETC ( Electronic Toll Collection).

Рустеми и Бербери се заложија за идна поинтензивна соработка меѓу двете институции.