Бочварски-Китанов: Инвестираме во безбедни патишта! Обезбедивме над 3 милиони евра за рехабилитација на делницата Кичево-Македонски Брод

Директорот на јавното претпријатие за државни патишта Зоран Китанов и министерот за транспорт и врски Благој Бочварски извршија увид во градежните активности отпочнати на делницата кадешто во моментов е започнато со обработка на постоечката коловозна асфалтна површина.

Рехабилитацијата на регионалниот пат Р1303 делница Кичево–Македонски Брод, е во должина од 25,7 км и со ширина од 6 м.  Издвоениот буџет со средства обезбедени од ЕБОР е 3,15 милиони евра.

По извршениот увид директорот на ЈП за државни патишта Зоран Китанов истакна дека во завршна фаза е проектирањето на првата делница од автопатот Кичево–Гостивар.

„Нашата цел е да го комплетираме автопатот на Коридор 8. Веќе обезбедивме грант средства во висина обезбедени 17 милиони евра од Европска банка за обнова и развој и во тек се преговори за дополнителни 70 милиони евра за изградба на првата фаза од автопатот Кичево – Гостивар, делницата Кичево-Бокојчани во должина од 12,7 километри. Во меѓувреме додека се гради оваа делница, продолжуваме со проектирање на втората фаза, од Букојчани до Горна Ѓоновица и третата делница од Горна Ѓоновица до Гостивар. Во моментов завршуваме со рехабилитација на патот Кичево-Осломеј, а завршува и изработката на проектот за рехабилитација на регионалниот пат Другово-Демир Хисар, како и проектирањето на санација на мостот на река Треска, на влезот од Македонски Брод“ – изјави директорот на ЈП за државни патишта Зоран Китанов.

Реализацијата на капиталните инвестиции, стимулирање на градежништвото и македонската економија во овој период кога се соочуваме со Ковид-кризата е наш приоритет потенцираше министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.

Тој рече дека градежните работи на регионалниот пат Кичево – Македонски Брод се во тек и се очекува рехабилитацијата на делницата да биде завршена во јули следната година.

„Македонските градежни компании се активни на терен и интензивно работат на реализација на инфраструктурните проекти. Во ова време, кога се соочуваме со Ковид-кризата, заедно со другите институции преземаме конкретни активности со цел да ги вбризгаме парите во што е можно поголем обем во македонската економија. Наша примарна цел е преку крупни капитални инвестиции да ја доведеме целокупната патна инфраструктура во државата на повисоко ниво, со што истовремено ќе отвориме нови работни места, ќе ја закнеме економијата и ќе ја зголемиме безбедноста во сообраќајот. Пример за тоа е и рехабилитацијата на регионалниот пат Кичево – Македонски Брод, кој е од особено значење за овој регион, со оглед на близината на ТИРЗ зоната и големата фреквенција на возила. Кога станува збор за Кичевскиот регион, сакам да најавам дека следуваат нови инвестиции во инфраструктурата и со силно темпо продолжуваме со реализација на проекти со кои ќе ги ангажираме домашните компании и ќе стимулираме раст на градежништвото во земјава“ – изјави министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.

ЈАВНО ПРЕТПРИЈАТИЕ ЗА ДРЖАВНИ ПАТИШТА oбјавува оглас за набавка на градежни работи за: Рехабилитација на магистрален пат А1, делница Фариш – Прилеп

Оглас за набавка на градежни работи за: Рехабилитација на магистрален пат А1, делница Фариш – Прилеп може да го преземете во pdf формат тука.