Skip to content

ЈПДП најтранспарентно Јавно претпријатие

ЈПДП со високи 82% рангирано на прво место по транспарентност и отчетност.
Имено, Центарот за граѓански комуникации спроведе истражување со кое предмет на мониторинг и рангирање беа 30-те најголеми претпријатија во државна сопственост. На врвот на ранг-листата со највисоко ниво на исполнување на обврските од 82 % повторно се наоѓа Јавното претпријатие за државни патишта, кое бележи напредок од 30 процентни поени во однос на истражувањето спроведено во 2018 година, односно од 52 % скокна на 82 % исполнување на поставените стандарди. Транспарентноста и отчетноста на претпријатијата се мери преку јавно достапните информации, извештаи и документите кои треба да бидат објавени на веб-страниците на претпријатијата.

Предноста и првото место на ЈПДП, во однос на останатите претпријатија се должи, пред сè, на објавувањето на годишниот извештај за работењето во 2019 година, на годишниот финансиски извештај за 2019 година, на кварталните финансиски извештаи за 2020 година, на ревизорскиот извештај за 2019 година, како и на голем дел од задолжителните документи што се однесуваат на јавните набавки.

Инаку, објавувањето на овие документи се директна законска обврска на јавните претпријатија и согласно со Законот за јавни претпријатија (член 24-а) се предвидува дури и разрешување на директорот на претпријатието за нивно ненавремено објавување на веб-страницата.

Исто така, истражувањето покажало дека ЈПДП е единствено претпријатие што ја има испочитувано законската обврска и има објавено овластено лице и Правилник за заштитено внатрешно пријавување, обврска што произлегува од Законот за заштита на укажувачи што е особено важно за зголемување на транспарентноста и намалување на корупцијата.

Што се однесува, пак, до транспарентноста на претпријатијата во однос на организацијата на работењето во која што група стандарди се вбројуваат: објавувањето прописи и информации за надлежностите на претпријатието, објавувањето статут, програма за работа и развој, видовите услуги што ги дава претпријатието, потоа објавување организациската структура (шема, органограм) на претпријатието, како и имињата на директорот и на вработени/раководители со контакти, со позиција, службена е-адреса и службен телефон, како и сите релевантни информации за раководните органи и нивното работење, што како стандард за транспарентност го воведе Владата уште во текот на 2018 година, анализата покажа дека само четири претпријатија го имаат објавено списокот на вработени со нивните работни позиции и контакт-информации меѓу кои и ЈП за државни патишта.
Линк до публикацијата:
https://www.ccc.org.mk/images/stories/transparentnost2020mk.pdf

Сподели: