Skip to content

Китанов и Сугарески: „Пелагонискиот регион е во силна градежна сезона“

Директорот на јавното претпријатие за државни патишта Зоран Китанов, министерот за транспорт и врски Горан Сугарески и претседателот на Советот на општина Прилеп, Миле Талевски, по извршениот увид на завршните активности на поправката и рехабилитацијата на регионалниот пат Р1101 делница, Прилеп–Тополчани–Битола, во должина од 15,5 км и вредност од 1,05 милиони евра изјавија дека ова е многу значаен пат за регионот во Прилеп и Прилепско и дека Пелагонискиот регион се наоѓа во силна градежна сезона.

Директорот на ЈП за државни патишта Китанов потенцираше дека иако рок на завршување е август, тој очекува  наскоро граѓаните од овој регион после 4-5 децении да добијат 15 км рехабилитиран патен правец којшто верува дека ќе им биде од голема корист.
Дополнително, според него, со подоцнежното градење на автопатот од Прилеп до Битола за кој е завршена проектната задача кога ќе се изгради и пушти овој авотпат, ова ќе биде корисен алтернативен пат.

Инаку, на регионалниот пат Р1101 делница Прилеп–Тополчани– Битола рехабилитарни се 15, 5 км во должина, 6 метри во ширина, односно со проширување во кривина и до 8 метри и со обезбедена банкина. Асфалтирањето е веќе завршено, исто така и сигнализацијата, а деновиве се местат последните 600 метри еластична ограда.

Директорот Китанов информираше и за делот што се рехабилитира околу Фариш, односно 10-те км на коишто е отпочнато да се работи есента и каде што првиот слој е целосно завршен, и сега се работи на седумте мостови, а веднаш потоа ќе започне и асфалтирањето на вториот слој, при што неговите очекувања се околу 20 мај да бидат завршени.

„Пелагонискиот регион е во силна градежна сезона. Кон крајот на овој месец, најдоцна почетокот на јуни, очекувам да биде објавен тендерот за довршување на 70% од експресниот пат Фариш-Дреново, а наскоро ќе биде објавен и тендерот за рехабилитација со проширување на патот Фаришка Клисура–Прилеп, во должина од 19 километри. Исто така, во текот на овој и следниот месец ќе бидат објавени тендери за рехабилитација на неколку патни правци во регионот меѓу кои Кривогаштани–Крушево, Битола–Демир Хисар, Крушево–Демир Хисар, Другово–Демир Хисар и Битола-Меџитлија“, изјави директорот на ЈП за државни патишта Зоран Китанов.

Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, пак, рече дека интензивно се работи на проектите коишто ги ветиле пред граѓаните. Според него реализацијата на капиталните проекти е од огромно значење за развојот на Пелагонскиот регион, особено во овие услови кога се бориме со здравствената криза и се справуваме со економските последици кои ги носи.

„Рехабилитацијата на стариот пат Прилеп–Битола е веќе во завршна фаза и останува да се постават уште заштитните огради. Сакам да истакнам дека во меѓувреме активно се работи и на рехабилитација на делот од Фариш до Дреново, а до крајот на месецов ќе се распише тендер за рехабилитација и на делот од Фариш до Прилеп – инвестиција од околу 5,6 милиони евра. Она што е особено важно за регионот е дека континуирано се работи на изградбата на експресниот пат Градско-Дреново, во текот на месец јуни ќе се распишат тендери за рехабилитација на пет регионални патишта, додека преку ЈП Македонија пат ќе се рехабилитираат десетина патни правци во регионот годинава“ – изјави министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.

Министерот Сугарески истакна дека во завршна фаза е и изградбата на магистралниот гасовод Неготино-Прилеп-Битола.

Сподели: