Skip to content

Рустеми: „Граѓаните ќе возат по нова, модерна и безбедна обиколницата кај Штип“

Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми и министерот за транспорт и врски Благој Бочварски информираа дека граѓаните на Штип и на југоистокот, ќе возат по нова, модерна и безбедна обиколница. Тие извршија увид во градежните работи на втората фаза од изградбата на експресниот пат Штип-Радовиш каде што активностите влегуваат во завршна фаза и согласно со досегашната динамика делницата ќе биде завршена и пред предвидениот рок кој е кон крајот на април идната година.

„Граѓаните ќе може да возат по обиколницата од клучка Штип Запад до клучка Штип Југ во должина од 6 км која ќе биде пуштена под времен режим, сега обновена и безбедна, а воедно со тоа ќе се нормализира и сообраќајоот низ градот Штип. Во однос на техничките карактеристики на оваа делница издвојуваме: ширината на асфалтниот коловоз е 11.4м, дебелината на асфалтот е 15цм во два слоја. Коловозот е изведен како две коловозни ленти од по 3,5м ширина и две ленти за застанување од по 2м. На еден дел од делницата, пак, поради овозможување на влез и излез на индустриските капацитети се изврши рехабилитација на постоечкиот пат. За непречено и безбедно одвивање на сообраќајот се замени асфалтната конструкција и комплетно се рехабилитираше и клучката Штип Запад. Од клучката Три Чешми до клучката Штип Запад во должина од 3 км се работи тековно и интензивно, а сакам да потенцирам дека сообраќајот од клучката Бучим до клучката Радовиш  овој месец е веќе пуштен под привремен режим“, изјави директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми по извршениот увид.

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски изрази задоволство што Штип доби нова модерна обиколница, како дел од експресниот пат Штип–Радовиш: „Практично со ова сообраќајот во Штип се враќа во нормала. Јас денес знам дека после 40 години направивме реконструкција на овој патен правец за наредните години и децении, а ќе биде пред сѐ за поголема безбедност и побрз транспорт“, изјави министерот Бочварски.

Експресниот пат А4 Штип–Радовиш со вкупна должина од 40,46 км е проектиран и се изведува квалитетно согласно со најновите и највисоките европски стандарди за непречено и безбедно одвивање на сообраќајот. Се гради во две фази и првата е завршена и пуштена во сообраќај во Јуни оваа година.  И втората, која е со должина од речиси 17 км и во вредност од 15 милиони евра, е во  завршна фаза.  Со изведбата на овој пат, сообраќајот ќе се одвива побезбедно, ќе се скрати времето на патување, а ќе се намалат и трошоците на учесниците во сообраќајот.

Сподели: