Skip to content

Потпишан договор за грант за изградба на автопатот Скопје-Блаце

Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Коце Трајановски и директорот на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) Фатих Туркменоглу, во Владата потпишаа Договор за грант.

„Денеска потпишуваме грант меѓу ЈПДП и ЕБОР, за грант кој е дел од рамката за инвестиции на ЕУ-Западен Балкан во висина од 30,8 милиони евра и заем од 167,6 милиони евра за изградба на автопатот Скопје – Блаце. Патот што ќе се гради е во должина од 10,5 километри, а со претходно направените 1,5 км, вкупната должина на автопатот е 12 км. Вкупната ширина пак е 24.5 метри. Овој пат треба да ги приближи граѓаните меѓу Македонија и Косово. Инвестицијата има витална улога во економскиот и социјалниот развој на североисточниот регион на земјата и го олеснува меѓународниот транспорт и трговија во регионот.“- изјави директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Коце Трајановски пред потпишувањето на грантот.

Потпишувањето на Договорот за грант помеѓу Јавно претпријатие за државни патишта и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) во врска со инвестициски грант од Заедничкиот фонд на Европа и Западен Балкан за (Проект за автопат TEN-T, граница помеѓу Македонија и Косово), е всушност договор за Инвестициски грант за комплетирање на финансиската конструкција за изведба на проектот за израдба на автопатот Скопје (клучка Стенковец) до граничниот премин Блаце во должина од околу 10,5 км.

На свеченото потпишување присуствуваа и се обратија и претседателот на Владата на РСМ, Христијан Мицкоски, заменик претседателот на Влада, Александар Николоски, како и амбасадорот на ЕУ, Михалис Рокас.

Инаку, автопатската делница Скопје-Балце ќе започнува од клучката Стенковец, а ќе завршува до клучката во атарот на с. Блаце. Предвиденото автопатското решение ќе има две коловозни ленти, секоја со по две сообраќајни ленти за возење со ширина од по 3,5м и по една лента за застанување од 2,5м. Вкупната проектирана ширина на автопатот ќе изнесува околу 24.5м. Заради спецификите на теренот кој е ридско планински и е дел од масивот на Скопска Црна Гора, во рамки на автопатската траса се проектирани за изградба се поголем број на објекти: 11 потпатници, 8 мостови, 4 галерии, 9 потпорни ѕидови и 5 тунели со лева и десна цевка.

Со обезбедувањето на овој заем како и неповратниот инвестициски грант и со изградбата на автопатот Скопје-Блаце значително ќе се скрати времето на патување, ќе се подобри безбедноста во сообраќајот, а ќе се намалат и трошоците за одржување на возилата.

Сподели: