Јавното претпријатие за државни патишта успешно ја заврши рехабилитацијата на државниот пат А2, обиколницата на Крива Паланка, значаен инфраструктурен проект за унапредување на безбедноста и регионалната поврзаност.
Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Коце Трајановски, заедно со претседателот на Владата на РСМ, Кристијан Мицкоски, министерот за транспорт Александар Николоски, со бројни политичари, советници, но и претставници на медиумите на терен се уверија во квалитетот на реализацијата на повеќемесчниот проект за рехабилитација.

Станува збор за делница со должина од 4,5 километри и ширина од 7,5 метри, со две коловозни ленти од по 3,5 метри и банкини со ширина од 1,30 метри. Во делот што минува низ населено место изградени се тротоари со широчина од 4 метри од десната и од 2 до 2,5 метри од левата страна, со што дополнително се зголемува безбедноста на пешаците. Изведувач на работите беше компанијата Гранит, додека надзорот го вршеше Евро Консалтинг во соработка со Диви Македонија.
Вкупната инвестициона вредност изнесува 74.750.504 денари, односно 1.215.455 евра. Во рамки на проектот беа реконструирани и зајакнати 2 моста, исчистени и санирани се 6 пропусти, поставена нова современа вертикална и хоризонтална сигнализација, како и монтирана нова челична заштитна ограда согласно со европскиот стандард ЕН1317.
Во градежниот дел извршена е еднослојна и двослојна рехабилитација на коловозот, а на најоштетените делови е извршено целосно отстранување на постојната коловозна конструкција и изведба на нов тампон и двослојни асфалтни слоеви, со што се обезбедува долготрајност и повисок квалитет на изведбата.
Со реализацијата на овој проект значително се подобрува безбедноста во сообраќајот, се намалуваат трошоците за одржување на возилата и се зголемува удобноста при патувањето. Делницата функционално се поврзува со експресниот пат кон Страцин на запад и со реконструираниот пат до граничниот премин Деве Баир на исток.

Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Коце Трајановски, истакна:
„Денеска зборуваме за еден значаен инфраструктурен проект – рехабилитацијата на државниот пат А2, обиколницата на Крива Паланка. Со оваа инвестиција значително ја подобруваме безбедноста, квалитетот и функционалноста на овој патен правец. Ова не е само реконструкција на пат – ова е инвестиција во развојот на регионот, во побезбедна иднина и во подобра поврзаност на нашата држава.“
ЈПДП продолжува со реализација на проекти за модернизација и унапредување на државната патна мрежа во интерес на граѓаните и економскиот развој на државата.