Јавното претпријатие за државни патишта отпочна со рехабилитација на две делници од државниот пат А2 Извор- Врбјани и Ботун- Климештани со вкупна должина од 15,1 км, и со проценетата вредност на проектот е 5,53 милиони евра.
Во таа насока, директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Коце Трајановски, заедно со министерот за транспорт Александар Николоски и градоначалниците на Кичево и Дебрца, Александар Јовановски и Златко Сиљаноски извршија увид во градежните активности поврзани со рехабилитацијата.

Имено, градежните активности започнаа во средината на октомври кога Изведувачот Гранит беше воведен во работа. Надзорот над работите го врши ГЕИНГ, а предвидениот рок за изведба на работите е една година, односно октомври 2026 година.
Инаку, со рехабилитацијата на државниот пат А2 делница, Извор- Врбјани и делницата Ботун- Климештани ќе се овозможи брз и безбеден пристап до двете општини, Општина Кичево и Општина Дебрца, ќе се подобри безбедноста во сообраќајот и ќе се олесни транспортот на стоки и услуги, што ќе придонесе за економски развој, на и во регионот пошироко.

Во моментов се работи на делницата Извор–Врбјани каде што до сега се завршени 3.1 км, а до крајот на годината е предвидено да се заврши уште еден километар, со што вкупно ќе бидат опфатени 4.1 километар.
Од тековни активности активности што се изведуваат во моментов би издвоиле дека се работи на:
- Уредување на постоечкиот коловоз – орапавување со профилирање и стругање,
- Подготовка на подлога за асфалтирање-рамномерно прскање со битуменска нестабилна емулзија,
- Набавка, транспорт и изработка на завршен асфалт бетонски АБ слој ,
- Изработка на битуменизиран носив слој БНС, вклучувајќи набавка и транспорт на асфалтот.