Skip to content

Регионалното патно поврзување со границата на Бугарија-клуч за економски развој и подобрување на животниот стандард

Магистралниот пат А4 кој води од Струмица до граница со Бугарија има стратегиско значење за Југоисточна Македонија, бидејќи претставува важен коридор за економски и сообраќаен проток помеѓу нашата држава и источниот сосед. Ова патно поврзување игра клучна улога во развојот на локалната економија, подобрувањето на туристичката понуда, како и во создавањето нови деловни можности.

Токму затоа, за санацијата на најоштетените делови од магистралниот пат А4 Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) за 2025 година обезбеди средства во износ од 30 милиони денари. Овие средства се искористени за надградба на три делници на овој патен правец.


Санацијата опфати делови кај Робовска раскрсница, од село Секирник кон село Сушица, како и патот низ Ново Село, во должина од околу 2 километри и со променлива ширина на коловозот од околу 6,5 метри. Вкупно, обновени се 10.500 квадратни метри асфалтна површина, со целосно стругање на старите, оштетени слоеви и вградување на 2.000 тони нов асфалт.

Изведувач на работите е Јавното претпријатие за заштита и одржување на магистралните и регионалните патишта (ЈП Македонијапат).

 

Санацијата на делниците, во делот кај Робовска раскрсница, од село Секирник кон село Сушица и низ Ново Село, ќе обезбедат побрзо, полесно и побезбедно движење за сите патници и возачи. Обновената инфраструктура ќе ја зголеми безбедноста, ќе го намали времето на патување и ќе ја подобри комфорноста на сообраќајот, што ќе се одрази позитивно не само на локалното население, туку и на бизнисите кои зависат од овој патен правец.

Сподели: