Во Македонија, инфраструктурниот сектор е еден од клучните двигатели за економски раст и привлекување на странски и домашни инвестиции. Во таа насока, на инфраструктурата се гледа како на приоритетен сектор, а Владата активно работи на создавање на поволен деловен амбиент.Директорот на ЈПДП Коце Трајановски зеде учество на бизнис форумот „Деловни можности и инвестиции“ со посебен фокус на секторите инфраструктура, енергетска транзиција и циркуларна економија и технолошки иновации и индустрија 5.0, во организација на Амбасадата на Република Италија во Скопје и на Италијанската Aгенција за Tрговија (ИТА).
Во обраќањето тој потенцираше дека изградбата и модернизацијата на патната инфраструктура во Македонија е во полн замав и дека и покрај тоа што се завршени отпочнатите проекти во делот на експресните патишта со забрзано темпо се работи и на сите останатите проекти предвидени во Годишната програма за 2025 година.
„Ова е многу важно, бидејќи цениме дека нашата стратешка предност е тоа што сме природна раскрсница на два многу значајни коридори, тоа се коридорот 8 и коридорот 10. Затоа потребни ни се модерни патишта, брзи железници, подобрени јавни услуги и дигитална поврзаност. Тоа е многу важно затоа што имам чувство дека во минатото многу малку се внимавало во изградбата на инфраструктурата и на нејзиното одржување што не става во редот на не многу добро патно поврзани со регионите околу нас. Македонија во моментов може да се каже дека сега се наоѓа во еден инвестициски циклус во кој работите почнаа да се движат во поволна насока, односно циклус во кој работите од фаза на застој преминаа во фаза на изградбата на патиштата. Отвораме фронтови за работа на сите наши изведувачи на проектите и очекуваме офанзива од нивна страна, односно да го следат нашето темпо. Нашите граѓани заслужуваат да возат по модерни, безбедни и нови патитшта.“-рече во своето обраќање директорот на ЈПДП Коце Трајановски.