Skip to content

Трајановски: „Внесовме нов импулс во решавање на долгогодишните заостанати проблеми и резултатите се видливи на терен“

Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Коце Трајановски зема учество на панел дискусијата „Управување кон резултати“ на настанот организиран од страна на Министерството за јавна администрација, кој се одржа по повод Денот на јавните службеници и јавните служби.

При тоа тој се осврна на менаџирањето со институцијата на чие чело е бидејќи е единствена од ваков тип во државата која гради патишта и затоа е од исклучитечна важност управувањето со неа да дава резултати видливи и за граѓаните.

Трајановски рече дека тој и Владата на РСМ внесоа нов импулс во решавањето на долгогодишните заостанати проблеми и дека резултатите се видливи на терен.

Според него потребна е јасна визија, стратегија и систем за следење на напредокот и влијанието на проектите, посебно на стратешките проекти со кои во моментов раководи ЈПДП, како што се изградбата на автопатите на Коридорите 8 и 10д, како и останатите со кои се подобрува патната инфраструктура на државата.

Потсети дека кога стапил на функција затекнал исклучително лоша состојба која со напорна работа многу брзо беше санирана.

„Наследивме катастрофална состојба каде што проектите воопшто не се менаџирале и за обични административни работи беа заглавувани по повеќе од година, две, три. Ќе дадам само еден пример, експресниот пат Градско–Прилеп, поточно делницата Градско-Дреново која што е главен крвоток на целиот централен регион и води кон југозападна Македонија и која требаше да го забрза движењето беше заглавен година и половина. Со напорна деноноќна работа ги откочивме процесите, ја забрзавме изградбата и резултатот е пуштена делница веднаш на почетокот на годината, а придобивките се побрзо патување, удобно и безбедно возење и забрзан развој на регионот. Наскоро ќе се стави во функција и вториот дел од Дреново до Фариш каде наидовме на ризични карпи и каде што требаше да се изменаџира успешно управување со ризиците и да се ублажат карпите за да се добие на безбедност на делницата.

Го откочивме и забрзавме и проектот за изградба на експресниот пат Крива Паланка-Страцин кој неколку години тапкаше во место, но со постојано присуство на терен и решавање на проблемите на лице место, како и со примена на современите придобивки на технологијата и него го завршивме и пуштивме во употреба на почетокот на годинава. Внесовме нов импулс во решавање на долгогодишните заостанати проблеми и резултатите се видливи на терен.“, потенцираше во своето обраќање директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Коце Трајановски.

Додаде дека Македонија во моментов се наоѓа во еден инвестициски циклус во кој работите почнаа да се движат во поволна насока, односно циклус во кој работите од фаза на застој преминаа во фаза на изградбата на патиштата. Забрзано се работи на првите 40 километри од автопатот Кичево-Охрид да бидат пуштени до 10 јули, од Врбјани до Охрид со исклучок на делот кај Ботун, каде што има свлечиште кое треба да се санира. Интензивно се работи и на изградба на Коридорите 8 и 10д каде беше вложен огромен напор за да се откочи процесот на експропријација и да се отвори што поголем фронт за работа на терен. Според него реализацијата на изградбата на автопатите споредено со минатата година е четирипати поголема, а очекувањата се таа да се дуплира и триплира бидејќи сме на стартот на градежната летна сезона.

Сподели: