Директорот на Јавното претрпијатие за државни патишта Коце Трајановски, заедно со претседателот на Владата Христијан Мицковски и министерот за транспорт Александар Николоски денеска извршија увид во состојбата со мостот на река Вардар кај Башино Село кој ги поврзува Велес, Чашка, Извор и Богомила. Имено, кој веќе подолг период има видливи оштетувања за што беше побарано стручно мислење од Градежниот факултет.
Имено, мостот датира од далечната 1971 година и има голема френвенција на возила и тоа на шлепери, полесни товарни возила и комбиња, како и на автомобили. Но, веќе подолг временски период има големи оштетувања, пукнатини, отпаднати заштитни слоеви на бетонот и видлива кородирана арматура на главните носачи, како и оштетувања на средните столбови. Дополнителен ризик по стабилноста на мостот се честите наноси на гранки и друг отпаден материјал кој се заглавува помеѓу средните столбови и предизвикува дополнителен ризик за веќе оштетените столбови.
„Со оглед на сериозните оштетувања и на горниот и на долниот строј на мостот, ризикот по неговата стабилност и носивост и имајќи ги во предвид досегашните искуства со овој вид на мостовски конструкции и високиот ризик кои тие го содржат, добивме препорака од Градежниот факултет дека најприкладно во овој момент е да се забрани секаков вид на сообраќај на овој објект. Од тие причини и со оглед на тоа што овој пат кој во минатото беше локален пат, а со одлука на седница на Влада од 26 март 2019 година е прекатегоризиран во регионален пат наша обврска како Јавно претпријатие за државни патишта е да се грижиме за безбедноста на оние кои секојдневно поминуваат низ овој мост. Иако беше тешко да се донесе оваа одлука сепак најважна ни е безбедноста на граѓаните и одлучивме да го следиме стручното мислење и да ја следиме препораката за ограничување на сообраќајот на мостот на река Вардар кај Башино село-Велес на регионалниот пат Р1312. Ова значи дека повеќе на овој мост нема да се поминува, односно ќе биде затворен“, изјави директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Коце Трајановски.
Тој додаде дека е веќе отпочната постапка за изградба на нов мост и веќе на 15 јануари ќе биде отворен тендерот со понуди за изработка на проектна документација за новиот мост и ние ќе правиме напори сите процедури поврзани со изградбата на новиот мост да ги забрзаме за да може граѓаните што побргу да добијат нов мост и повторно овој регионален пат да биде ставен во функција. Во меѓувреме ќе се работи и на санација на постоечкиот мост за да не биде долг период блокиран овој витален дел на Општина Велес.