Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми заедно со министерот за транспорт и врски Благој Бочварски извршија увид во рехабилитацијата на државниот пат А3, делница Битола-Меџитлија каде што градежните активности се во тек и во моментов се врши гребење на асфалтот во правецот од граничниот премин Меџтлија кон Битола.
Рехабилитацијата се одвива со средства обезбедени од ЕБОР во висина од 3,27 милиони евра, а се рехабилитираат вкупно 12.5 километри. Ширината на оваа делница е променлива и се движи од 6 до 6.5 метри.
Минатата година беа воведени во работа изведувачот Пелагонија и ИСА, а надзорот над работите го врши ГЕИНГ.
„Очекуваме брза и квалитетна реализација со оглед што градежната сезона и времето се на наша страна. Веќе за идната година обезбедуваме средства за изградбата на експресниот пат Битола-Меџитлија со обиколница на Битола за кој веќе имаме одобрен инфраструктурен и ревидиран основен проект при тоа водејќи грижа и за животната средина. Имено, при изработката на проектните документации во годишната програма се предвидени средства и за изработка на физибилити студии и студии за животна средина“, изјави директорот Рустеми по увидот.
Да потсетиме дека во битолскиот регион минатата година беше извршена рехабилитација на повеќе патни правци кои водат до населените места Нижополе, Ротино, Бучин, Житоше, Демир Хисар, а оваа година се предвидени рехабилитации и на патните правци што водат до Лопатица, Могила и Будаково.