Коридор 8 под лупа: Како напредува изградбата на автопатските делници?

Денеска беше извршен увид во градежните активности на автопатските делници Гостивар-Букојчани и Кичево-Охрид, кои се дел од Коридорот 8,  еден од најзначајните инфраструктурни проекти во државата.

Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Коце Трајановски, заедно со претседателот на Владата на РС Македонија, Христијан Мицкоски и потпретседателот на Владата, Александар Николоски, при увидот долж трасата констатираа значителен напредок во изведбата, добрата организација на терен и висока ангажираност на механизацијата и работната сила.

Коридорот 8 има стратешко значење за државата и претставува клучен проект за подобрување на патната поврзаност, зголемување на безбедноста во сообраќајот и поттикнување на економскиот развој. Со реализацијата на овие делници, државата дополнително се позиционира како важна транзитна рута и активен дел од европските транспортни мрежи.

„Во однос на градежните активности на делницата Гостивар-Букојчани во моментов активно се работи на 11 километри од вкупно планираните 31 километар. Во функција се кампот за 1200 лица и базата за бетон. Мостот B0070 на седмиот километар е целосно прооден, а во тек се завршни работи на коловозот. Активно се работи и на два моста, еден натпатник и заштита на косини кај Гостивар и околните населени места. Генералниот напредок на оваа делница изнесува 59,98%. И на делницата Тетово-Гостивар непречено се работи на околу 14 од вкупно 17,5 километри, со активни инфраструктурни и земјени работи без нарушување на сообраќајот во околните населени места. “, рече во изјавата за медиумите директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Коце Трајановски.

На автопатот Кичево–Охрид покрај изградбата на 6-те галерии и 8-те потпорни ѕидови, се реализираше и планско пошумување на косините со цел нивна долгорочна стабилизација и заштита од ерозија. Во периодот ноември–февруари беа засадени 200.000 садници на четири подделници. Засадени се бор, багрем и јавор, а контролите покажуваат одличен напредок на садниците. Со оваа активност се обезбедува поголема безбедност на патот и подобрување на животната средина.

Автопатот Кичево–Охрид, во должина од 57 километри, влегува во завршна фаза. Вкупната вредност на проектот изнесува 803 милиони евра, од кои досега се реализирани околу 629 милиони евра. На терен се ангажирани 953 работници и над 400 градежни машини под водство на „Синохидро“, како и домашните компании „Гранит“ и „Илинден“. Проектот се реализира со стабилна финансиска динамика и со фокус на квалитетна и безбедна патна инфраструктура.

Продолжува и рехабилитацијата на превојот Пресека, на делниците Извор-Врбјани и Ботун-Климештани, во должина од 15,1 километри. Проектот е вреден околу 6,5 милиони евра, а реализацијата моментално изнесува 50%. Во тек се активности за поставување нов асфалт и современа безбедносна опрема. Рокот за завршување е октомври 2026 година.

Надлежните институции и Владата остануваат целосно посветени на континуирано следење на реализацијата на проектите, почитување на роковите и обезбедување современа и безбедна патна инфраструктура во интерес на граѓаните и долгорочниот развој на државата.