Со цел да се овозможи брз и безбеден пристап од и кон автопатот А1, како и поврзување со централното градско подрачје на Неготино, Јавното претпријатие за државни патишта работи на решение за изградба на инфраструктурна градба, излез од Автопат А1, делница од кружен тек кај стар пат 103 за Гевгелија, магистрална улица „Железничка“, до кружен тек на улица „Маршал Тито“, Општина Неготино.
Проектот е заедничка идеја и ќе биде заедничка реализација помеѓу ЈП за државни патишта и Општината Неготино. Токму ова беше целта на теренскиот увид на локацијата од страна на директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Коце Трајановски со неговиот тим и градоначалникот на Општина Неготино Горан Стојанов со секретарот на општината Марија Нацева и општинскиот тим.

Инаку, предвидена должина на инфраструктурната градба е 1.54 км и со проценета вредност од 1.8 милиони евра. Во таа насока, во тек е постапка за избор на економски оператор за изградба, а градежните активности се очекува да започнат во почетокот на 2026 година.
Имено, постојната состојба на делницата од излезот на автопат А1, кој е дел од Коридорот 10, преку кружниот тек кај стариот пат 103 за Гевгелија, магистралната улица „Железничка“, до кружниот тек на улица „Маршал Тито“ во Општина Неготино, не ги задоволува сообраќајните потреби.

Поради недоволно прилагодени технички елементи и бројни конфликтни точки, оваа делница не ги исполнува минималните стандарди за безбедно и ефикасно одвивање на сообраќајот.
Со изградба на новата инфраструктурна градба на истата траса, ќе се овозможи:
- Брз и безбеден пристап до и од автопатот А1,
- Подобро поврзување со централното градско подрачје,
- Зголемена безбедност во сообраќајот,
- Олеснет транспорт на стоки и услуги.
Оваа интервенција ќе придонесе за економски развој на Општина Неготино и поширокиот регион.
Исто така, во овој регион предвидена е и рехабилитација на регионалниот пат Р1103, Кавадарци – Неготино, во должина од околу 10 км и со проценета вредност од 6–7 милиони евра, проектот кој што ќе овозможи побрз и побезбеден сообраќај меѓу двете општини, но и изработка на проектна документација во 2026 година за изградба на експресен пат што ќе ги поврзува двата града и што ќе значи подобра транспортна поврзаност и економски развој на регионот.