Во подготвка нов патен јазол кај Јурумлери, санација на Р1106 и Р1102 што ги поврзува Јурумлери-Драчево и Маџари-Ржаничино, како и санација на мостот преку Вардар што ги поврзува Јурумлери и Долно Лисиче

Планираниот патен јазол Јурумлери е дел од автопатот А4 и ќе овозможи директна врска на населените места Јурумлери и Илинден со Скопје, Велес и Гевгелија. Локацијата е меѓу постојните јазли Хиподром и Мралино, каде веќе постои натпатник што ќе се искористи во новата инфраструктура. Увид на терен извршија директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Коце Трајановски и градоначалникот на Општина Гази Баба Бобан Стефковски при што нивните тимови ги информираа за планираните активности.

Дел од овој патен триаголник е и регионалниот пат Р1102, поточно делницата Маџари–Ржаничино која што е долга околу 14 км. И за неа е планирано  проширување на патот, подобрување на геометриските елементи и изградба на кружни текови кај раскрсниците во Јурумлери и Идризово, со цел зголемување на безбедноста и проточноста на сообраќајот.

Во тек е подготовка на тендерска документација за избор на проектант, а проектната документација се очекува да биде завршена до почетокот на 2027 година.

Имено, за патниот јазол Јурумлери ќе се изработи проектната документација, а изградбата ќе овозможи подобар пристап, намалување на сообраќајниот метеж и зголемена безбедност. Во тек е јавна набавка за избор на проектант, а документацијата се очекува да биде готова во текот на 2026 година.

ЈПДП планира и рехабилитација со проширување и на дел од регионалниот пат Р1106, делница Јурумлери–Драчево која е долга околу 4 км, и која е дел од регионалниот пат Р1106. Покрај планираната рехабилитација со проширување на патот, ќе се постави и нова сигнализација, како и изградба на пешачко-велосипедски патеки онаму каде што тоа ќе го дозволуваат теренските услови.

Во врска со овој проект, во тек е подготовка на тендерска документација за избор на проектант за изработка на Основен и Урбанистички проект. Проектната документација се очекува да биде завршена до крајот на 2026 година.

Сите наведне и планирани проекти ЈПДП ги презема со цел на зголемување на безбедноста на учесниците во сообраќајот. Овие делници се високофреквенти и по нив се одвива не само патнички туку и товарен сообраќај и затоа покрај безбедноста со преземањето на наведените проекти ќе се овозможи и растеретување на Р1102 кој води кон Јурумлери и Хиподром, потоа граѓаните од околните места ќе можат полесно да се исклучуваат и вклучуваат на  автопат/обиколница со што ќе се намали гужвата, но и ќе се подобри пристапот до главните сообраќајници.