ЈПДП: Ја подобруваме патната инфраструктура и реализираме неколку значајни градежни активности во општина Делчево

Во општина Делчево се реализираат неколку значајни градежни активности финансирани од Јавното претпријатие за државни патишта. Со цел увид во тековните активности, директорот на ЈПДП Коце Трајановски заедно со неговиот стручен тим, со заменик директорот на Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта Александар Шуковски и неговиот стручен тим, како и во присуство на пратеникот Драган Ковачки и советникот во општина Делчево Иван Гоцевски извршија обиколка на терен, каде што се работи на реконструкција и изградба на патна инфраструктура.

Се работи на санација на делови од регионалните патишта Р1302 (излез од Делчево кон Пехчево), Р2341 (Делчево – село Габрово), како и на девијацијата кај Црквенска река, каде што паралелно се изработува и проект за санација на оштетениот мост.

Во Програмата за 2025 година, ЈПДП предвиде 20 милиони денари за санација на дел од патот Р1302, на површина од 10.200 м². Работите вклучуваат гребење на стариот коловоз и вградување на нов асфалтен слој со вкупна количина од 1.400 тони.

За делницата Делчево – село Габрово (Р2341), планирани се 22 милиони денари. Ќе се постави нов асфалтен слој од 2.120 тони на површина од 12.500 м², со изградба на банкини од двете страни на коловозот.

Со цел непречено одвивање на сообраќајот до целосна санација на мостот кај Црквенска река, се инвестираат 6 милиони денари за тампонирање и асфалтирање на девијацијата. Во моментов е во тек изработка на проектната документација за санација на мостот.

Изведувач на сите градежни активности е ЈП „Македонијапат“. Вкупната инвестиција на ЈПДП за патната инфраструктура во Делчево за 2025 година изнесува 48 милиони денари.

Исто така, годинава во овој регион ЈПДП планира да инвестира 155 милиони денари во делницата од државниот пат А3, Звегор (Делчево) – Граничен премин со Република

Бугарија, која е во многу лоша состојба, но наскоро ќе добие нов лик бидејќи есенва започнуваат градежните активности.

Со рехабилитацијата на оваа делница во должина од околу 5,3 км, ќе се овозможат подобри услови за одвивање на сообраќајот – побезбеден, економичен и тековен проток на возила.

Проектот опфаќа целосно стругање на постоечкиот асфалтен коловоз и поставување на нов асфалт: околу 31.000 м² прв слој, и околу 55.000 м² завршен слој. Дополнително, на критичните косини ќе се изврши кавање и растеретување од нестабилен карпест материјал, ќе се постави заштитна челична мрежа, како и нова сообраќајна сигнализација и опрема на патот.

Ова е значаен чекор кон подобрување на патната инфраструктура и безбедноста на граѓаните.