СЛЕДИМЕ ПРОГРЕС: Рехабилитација на обиколница Крива Паланка, дел од државниот пат А2

Во тек е рехабилитација на државниот пат А2 – Обиколница Крива Паланка, на делница долга 4,5 километри. Овој проект претставува значаен чекор кон подобрување на патната инфраструктура и безбедноста во сообраќајот во регионот.

Токму затоа беше извршен увид над градежните работи од страна на директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Коце Трајановски заедно со стручниот тим, а во присуство на изведувачот и надзорот, како и на пратеникот Емил Спасовски.

Во моментов, работите се одвиваат непрекинато, а рехабилитацијата опфаќа целосно вадење на постоечкиот асфалт и поставување на нов двослоен асфалт, битуменизиран носив слој со дебелина од 8см и абечки слој со дебелина од 6см. Коловозот е широк 7,5 метри, со две ленти по 3,5 метри и банкини од 1,3 метри.

На трасата се наоѓаат 5 пропуста, 2 моста и 1 потпатник, сите се предмет на реконструкција и зајакнување. Дополнително, ќе се постави современа вертикална и хоризонтална сигнализација, како и нова челична заштитна ограда според европскиот стандард EN1317.

Изведувач на работите е компанијата „Гранит“, додека надзорот го вршат „Евро Конслатинг“ здружени со „Диви Македонија“. Вредноста на договорот изнесува 68.511.708,84 денари (без ДДВ), односно околу 1,12 милиони евра.

За време на изведбата на градежните работи воспоставен е времен режим на сообраќај и повикуваме на внимателно следење на поставената сигнализација.

Инаку, со реализацијата на овој проект се очекува значително подобрување на безбедноста во сообраќајот, како и подобро поврзување со новиот експресен пат Крива Паланка – Страцин на запад и реконструираниот пат до граничниот премин Деве Баир на исток.