Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Коце Трајановски заедно со претседателот на Владата на РСМ Христијан Мицковски, министерот за транспорт Александар Николоски, градоначалникот на Општина Охрид Кирил Пецаков, извршија увид во работите за изградба на автопатот Кичево-Охрид од Климештани до Охрид, како и увид во градежните работи кај патниот јазол Подмоље каде воедно под времен режим беше ставен натпатникот.
„Денеска извршивме увид и воедно го ставивме под времен режим на сообраќај натпатникот кој е дел од патниот јазол Подмоље со што значително ќе се олесни протокот на сообраќај и ќе се зголеми безбедноста на учесниците во сообраќајот кои катадневно го користат овој патен јазол во правец кон Охрид, Струга или кон Кичево.
Воедно сакам да потенцирам дека со ставањето на времениот режим на сообраќај ќе се созададат услови за доизградба на десната коловозна лента од автопатот во зоната на патниот јазол, но и услови за изградба на рампа 1 која води од правец Струга кон Охрид и рампа 4 која води во правец од Кичево кон Охрид. Очекуваме нивната изградба да се одвива брзо со што би напреднале работите за доизградба на клучката Подмоље.
Претходно како што знаете од почетокот на јули месец граѓаните, туристите, и сите оние кои патуваат кон Охрид, возат по автопат со исклучок кај Ботун, каде имаме за решавање едно комплицирано свлечиште, а со полна пареа се работи и се асфалтира на главната траса на дел од автопатот во изградба Кичево-Охрид.“, изјави по увидот директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Коце Трајановски.
Тој додаде дека е отпочнато со асфалтирање на паралелниот пристапен пат Требеништа-Подмоље-Охрид, кон населените места Горенци и Оровник и дека е завршено бетонирањето на потпатникот на делница 4 на 10 + 800 км меѓу Мешеишта и Требеништа, а интензивно се асфалтира километар и пол на левата страна од автопатот после бензиската Еко Петрол.
Со несмалено темпо се работи на натпатникот кај Подмоље на регионалиот пат, но и на клучката Св. Еразмо, а во средишниот појас се поставува еластична одбојна ограда, додека во Требеништа се работи на потпатникот каде се прават потпорни ѕидови и интензивно работиме и на решавањето на приклучувањето на безниските пумпи.