СЛЕДИМЕ ПРОГРЕС: Наскоро уште една делница од автопатот Кичево-Охрид ќе биде во функција!

Со полна пареа, се работи и се асфалтира на главната траса на дел од автопатот во изградба Кичево-Охрид.

Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Коце Трајановски заедно со инженерскиот тим изврши увид во активностите на траса при што беше известен дека се работи забрзано и дека работата на Изведувачите Гранит, Синохидро и Илинден се одвива на сите подделници од автопатот.

Покрај асфалтирањето се поставува и еластична ограда, се бетонираат плочасти и цевасти пропусти, се уредуваат клучки и натпатници, се поставува осветлување итн.

Очекувањата се наскоро, за многу краток период да биде ставена во функција уште една делница од автопатот во изградба Кичево-Охрид.

Од теренскиот увид беше видлива раздвиженоста на трасата каде што изведувачите заедно со подизведувачите  работат под полна пареа. Директорот на ЈПДП Коце Трајановски им изрази јавна благодарност на сите чинители кои се активно и максимално посветен и вклучени во реализацијата на овој значаен проект.

СЛЕДИМЕ ПРОГРЕС: Изградба на автопат Прилеп-Битола

Интензивно се работи на изградбата на автопатот Прилеп-Битола во должина од околу 40 км кој е дел од Коридорот 10д и од проектот за изградба на четирите автопатски делници во изведба на американско-турскиот конзорциум Бехтел и Енка.

Директорот на Јавното претпријатие зза државни патишта Коце Трајановски на терен беше запознаен со моменталниот статус на изведба на градежните активности при што беше известен дека во моментов непречена работа е овозможена на должина од околу 11,5 км и се изведуваат градежни активности на 1 мост, 2 потпатника, 2 натпатнка, 4 плочести пропусти и 22 цевасти пропусти. На овие позиции работат околу 700 лица и се вклучени повеќе од 400 различни машини и механизација од изведувачот и од  подизведувачите.

Инаку, во тек се земјените работи на дел од главната траса, се врши расчитување на вегетација, отстранување на хумусен слој, а на дел од главната траса отпочната е изведба на насипи. Досега се извршени ископувања на околу 660,000.00m³ земја, вградени се 350,000.00 m³ материјал за пополнување, произведени се 30,000.00 m³ бетон за завршување на бетонски работи на автопатската делница. Изграден е и камп за привремено сместување со капацитет за повеќе од 750 лица.

Секоја работа на терен носи предизвици. Па така е и со оваа траса каде сѐ уште е во тек и процесот на отстранување и уништување на старите експлозивни направи на кои наидовме на дел од траса, а за можните археолошки наоѓалишта од страна на надлежните институции обезбеден е повремен и постојан надзор на трасата. Во обата случаи, работите за изградба на патната делница на конкретните локации се запираат додека не се обезбедат соодветни потврди дека планираната траса е чиста и нема пречки за да се продолжат работите.

Финансиската конструкција за оваа делница од патната инфраструктура е проценета на 260 милиони евра според студијата за оправданост.