Патното поврзување во руралните средини и во општините на локалната самоуправа не е само технички предизвик, туку и економски и социјален фактор кој влијае на целокупниот развој. Од друга страна, пак, локалните самоуправи имаат ограничени ресурси, па често не можат да финансираат големи инфраструктурни проекти, како што се нови патишта или нивно одржување.
Токму затоа, Јавното претпријатие за државни патишта во Годишната програма за изградба, реконструкција, рехабилитација, одржување и заштита на државните патишта за 2025 година предвиде средства кои преку договорот со Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта се инвестираат во патната инфраструктура во локалните и руралните средини.
Една таква рурална средина е селото Бучин кое се наоѓа во општина Крушево, и претставува раскрсница помеѓу градовите Крушево, Демир Хисар, Битола и Прилеп бидејќи низ него поминува асфалтен пат кој ги поврзува. Тоа е патниот правец Р2339 кој ги поврзува и Ново Лагово-Обршани-Бучин-Граиште.
На овој патен правец во тек се градежни активности за санација на коловозот со нов асфалтен слој и со претходно крпење на поголеми слегнати и ударни дупки на делницата од Бучин кон село Света во должина од 5.200 метри и со ширина од 5,6 метри. Предвидената вредност за санација изнесува 30 милиони денари, а градежните активности ги изведува Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта.
Патното поврзување помага во спречување на изолацијата на руралните заедници, а добро поврзаните рурални области се поатрактивни за инвеститорите, што може да доведе до подобри услови за локален развој, како што се нови работни места и економски можности.