Обновата на локалните патишта и патиштата во руралните средини продолжува

Патното поврзување во руралните средини и во општините на локалната самоуправа не е само технички предизвик, туку и економски и социјален фактор кој влијае на целокупниот развој. Од друга страна, пак, локалните самоуправи имаат ограничени ресурси, па често не можат да финансираат големи инфраструктурни проекти, како што се нови патишта или нивно одржување.

Токму затоа, Јавното претпријатие за државни патишта во Годишната програма за изградба, реконструкција, рехабилитација, одржување и заштита на државните патишта за 2025 година предвиде средства кои преку договорот со Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта се инвестираат во патната инфраструктура во локалните и руралните средини.

Една таква рурална средина е селото Бучин кое се наоѓа во општина Крушево, и претставува раскрсница помеѓу градовите Крушево, Демир Хисар, Битола и Прилеп бидејќи низ него поминува асфалтен пат кој ги поврзува. Тоа е патниот правец Р2339 кој ги поврзува и Ново Лагово-Обршани-Бучин-Граиште.

На овој патен правец во тек се градежни активности за санација на  коловозот со нов асфалтен слој и со претходно крпење на поголеми слегнати и ударни дупки на делницата од Бучин кон село Света во должина од 5.200 метри и со ширина од 5,6 метри. Предвидената вредност за санација изнесува 30 милиони денари, а градежните активности ги изведува Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта.

Патното поврзување помага во спречување на изолацијата на руралните заедници, а добро поврзаните рурални области се поатрактивни за инвеститорите, што може да доведе до подобри услови за локален развој, како што се нови работни места и економски можности.

Направена е комплетна санација на трупот на патот P1306, делница Прилеп-Крушево (кај Славеј)

Имено, Јавното претпријатие за државни патишта отпочна санација на патот P1306, делница Прилеп-Крушево (кај Славеј) во должина од 920 метри при што беше комплетно саниран трупот на патот со изработка на камени колови Ф800, поставување на геотекстил и геокомпозит, изработка на насип од кршен камен, изработка на тампон и поставување на асфалтни слоеви БНС 22 сА и АБ 16 и се изврши изработка на преодни плочи на објекти.

Увид на лице место во завршената работа изврши директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Коце Трајановски заедно со заменик директорот на ЈП за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта Александар Шуковски, пратеникот Ѓорѓија Сајкоски, како и советници од општините Крушево и Кривогаштани.

Трајановски поразговара и со месното население кое секојдневно го користи овој патен правец при што заедно констатираа дека станува збор за мал зафат, со кој е завршена голема работа затоа што безбедноста на учесниците во сообраќајот секогаш е на прво место.

Инаку, вредност на проектот кој го изведуваше Стентон Градба-Битола, а надзор вршеше ГЕИНГ, беше 1,4 милиони евра.