Пуштени во употреба првите километри на подделницата 3 од автопатот во изградба Кичево-Охрид. Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Коце Трајановски заедно со претседателот на Владата на РСМ Христијан Мицковски, министерот за транспорт Александар Николоски, градоначалникот на Општина Охрид Кирил Пецаков, како и бројни советници, пратеници и граѓани, беа присутни на ставањето во функција на дел од автопатот кој е крвоток на патната инфраструктура и значително ќе го олесни пристапот до главните туристички центри Охрид и Струга.
„Денеска, кажано фигуративно, почнуваме да го гледаме светлото на крајот на тунелот и да го гледаме изгрејсонцето на брегот на нашиот Охридски бисер. До него веќе ќе стигнуваме и преку првите километри автопат, а ќе направиме сѐ што е во наша моќ најбрзо што може да го имаме на располагање целиот автопат иако сѐ уште пред нас има големи предизвици. Од Требеништа до Охрид ќе се вози по левата страна под времен режим на сообраќај додека на десната страна се работи интензивно со цел да се стави и тој дел во функција. Изградбата на автопатската делница е најважниот потег за развојот на стопанството и туризмот во регионот и земјава и тоа е мотив плус да продолжиме со засилени градежни активности за реализација на овој капитален проект.“-рече директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Коце Трајановски.
Во моментов и на останатите подделници градежните работи се одвиваат со силен интензитет, согласно со новиот динамички план за изградба на автопатот. Забрзано се градат и пристапните патишта од Врбјани до Сливово, Сливово-Арбиново, Арбиново-Издеглавје, Издеглавје-Песочани, Песочани-Ново Село, Ново Село-Ботун, како и на пристапен пат до село Горенци, село Оровник и Мешеишта. Изградбата на овие пристапни патишта е многу важна затоа што од нивната изградба зависи и пуштањето на делот од автопатот од Климештани до Охрид.