Мостот на река Вардар кај Башино село комплетно е саниран и ставен целосно во функција, а на терен во ова се уверија и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Коце Трајановски заедно со премиерот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за транспорт Александар Николоски, градоначалникот на Велес Марко Колев, како и пратениците од регионот, но и професорите од Градежниот факултет.
Овој мост кој е од витално значење затоа што поврзува повеќе населени места, односно ги поврзува Велес, Чашка, Извор и Богомила, и низ кој секојдневно има голема фреквенција на возила и тоа на полесни товарни возила и комбиња, на автомобили, но и на шлепери, подолг временски период имаше видливи оштетувања. Загрижувачката состојба со мостот кој е изграден далечната 1971 година беше причина ЈПДП да побара стручно мислење од Градежниот факултет, од каде на почетокот на годинава беше наложено да се затвори и итно да се санира.
Во почетокот на годинава мостот беше затворен за секаков вид на сообраќај, а подоцна ставен на времен режим на сообраќај пришто паралелно се изведуваа и санационите работи.
„По констатирањето на оваа неповолна состојба која во почетокот резултираше со времено затворање на мостот за секаков вид на сообраќај засукавме ракави и започнавме активности за негова санација, но и активности за следење на состојбата со мостот затоа што заради неговата стратешка важност не можевме да си дозволиме долго време да стои затворен. Едно големо благодарам на професорите на Градежниот факултет во Скопје кои помогнаа да биде монтирана најсовремена опрема под самиот мост, која врши мониторинг 24 часа, и секое движење по мостот се евидентира, на Изведувачот на работите „Синтек инженеринг“ ДООЕЛ Скопје кој работите ги започна на 21 март, кој работеше забрзано и кој ги исполни нашите очекувања и еве денес веќе имаме саниран и безбеден мост“.-изјави во оваа прилика директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Коце Трајановски.
Движењето на мостот се одвива во двата правци, но и натаму останува внимателно да се одвива сообраќајот за тешките товарни возила кои секојдневно поминуваат и најмногу го оштетуваат.
При градежните работи се третираше долниот дел од мостот, се постави нов вид материјал на столбовите за да се зацврстат, и со најсовремено решение се третираше мостот од внатре. Се работеше на нивна заштита, се направи армирање на носачите на мостот коишто беа оштетени и се изврши нивно наново бетонирање, како и зајакнување од нивната долна страна. Се правеа активности за челичење елементи со што се зацврстија столбовите, и се поставија челични врски на столбовите, со што беше Реконструкцијата на мостот беше финансирана од ЈПДП, а проектот беше во вкупна вредност од 29.045.170,18 денари или околу 472.000 евра со ДДВ.
Оваа завршена санација на мостот кај Башино Село треба да му го продолжи неговиот век на користење за 5 до 10 години.