Skip to content

Трајановски: „Во рок завршена реконструкцијата со проширувањето на делницата Понов мост – влез во Богданци, како дел од регионалниот пат Р1109“

Градежните работи за реконструкцијата со проширувањето на делницата Понов мост – влез во Богданци, како дел од регионалниот пат Р1109, започнаа во јуни 2024 година и рокот на завршување беше 12 месеци, при што тој е целосно испочитуван согласно со Договорот.

Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Коце Трајановски во присуство на премиерот на Владата на РСМ Христијан Мицковски и градоначалникот на Општина Богданци Блаже Шапов, како и на бројни гости, ја ставија во функција реконструираната делница.

„Реконструкцијата на оваа делница е во должина од 4,83 км и при изведбата беше  направено проширување со подобрување на геометриските елементи на патот од 5.70м (5.90м) на 6.60м ширина на асфалтниот коловоз, на банкините од 1.30м, берми и риголи со 0.50м, односно вкупната ширина на патот сега изнесува 9.20м. Инвестиционата вредност на градежните работи беше реализирана со средства од буџетот на ЈП за државни патишта во вкупна вредност од 303,646,570 денари, односно 5,000,000.00 евра. Со реализацијата на овој пат се подобрува патната инфраструктура во регионот, се овозможува непречен дотур на стоки и материјали, но се подобрува локалното и регионалното поврзување со населените места во регионот.“- изјави директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Коце Трајановски.

Инаку, извршена е целосна реконструкција на долниот строј на патот, изработено е подтлото, изведен е целосно нов горен строј со два асфалтни слоеви, а поради бројни оштетувања на мостот направена е негова комплетна санација, зајакнати се средните столбови со зголемување на попречниот пресек, изведена е соодветна хидроизолација, и поставени се два афалтни слоеви. Извршено е проширување на објекотот од 8.00 м на 9.20 м. Поставена е заштитна ограда за задржување на возилата, како и вградена нова пешачка ограда. Исто така, изведено е ново нивелационо решение на крстосница Стојаково, а изработени се и банкини со механичка стабилизација, бетонски канали кои се поставени од двете страни на патот, како и земјени канали. Со цел безбедно одвивање на сообраќајот за сите учесници, поставена е нова хоризонтална и вертикална сигнализација.

Изведувач на градежните работи на реконструкцијата со проширување на регионалниот пат Р1109 делница, Понов мост – влез на Богданци беше ЖИКОЛ ДООЕЛ Струмица, а надзор Друштвото за управување со проекти ЕОС Е.Е. Скопје.

 

Сподели: