Трајановски: „Забрзано се работи на санација на мостот на река Вардар кај Башино село“

Мостот на река Вардар кај Башино село изграден далечната 1971 година кој децении наназад опстојувал со видливи оштетувања кои претставуваа опасност по животот на оние кои секојдневно и периодично го користат, и кој  беше и времено затворен, а потоа пуштен со времен режим, од 21 март е во фаза на санација. Токму затоа, директорот на ЈПДП Коце трајановски изврши увид во активностите за негова санација заедно со градоначалникот на Општина Велес-Колев и со пратениците Здравковски и Јамалов, како и со деканот на Градежниот факултет Марковски.

„Овде сме сите заедно за да видиме на лице место како течат активностите за санација на мостот каде што како што гледаме Изведувачот на работите „Синтек инженеринг“ ДООЕЛ Скопје забрзано работи и нашите очекувања се дека работите ќе се одвиваат непречено како и до сега и дека согласно со договорот сѐ ќе биде завршено до 21 јуни годинава. Овој мост ги поврзува Велес, Чашка, Извор и Богомила, односно повеќе населени места, тој е од витално значење затоа што низ него има голема фреквенција на возила и тоа на шлепери, полесни товарни возила и комбиња, како и на автомобили, но за жал веќе подолг временски период имаше видливи оштетувања за што по побараното стручно мислење од Градежниот факултет ни беше наложено да го затвориме и итно да го санираме. Но, по два месеци забрана за сообраќај, мостот повторно беше пуштен во функција, а сообраќајот се одвива само по средната лента каде е најмало оштетувањето на мостот и е регулиран од двете страни со семафор. Важи забрана за сообраќање на камиони потешки од 40 тона, за што имаме асистенција од СВР Велес, односно полициски екипи го регулираат движењето на тешките камиони. Ние на кои им благодариме за асистенцијата и соработката. Воедно им благодарам и на професорите на Градежниот факултет во Скопје кои помогнаа да биде монтирана најсовремена опрема под самиот мост, која врши мониторинг 24 часа, и секое движење по мостот се евидентира.“-изјави директорот на ЈПДП Коце Трајановски по извршениот увид.

Изведувачот на работите информираше дека при градежните работи се третира долниот дел од мостот, се поставува нов вид материјал на столбовите за да се зацврстат, и со најсовремено решение се третира мостот од внатре. До овој момент завршени се столбовите што имаат карбонски траки, се работи на заштитата одозгора, односно на премачкување со епоксидна смола што исто така е завршено. Се врши премачкување со таканаречен репаратур малтер и сега останува да се направи армирањето на главните носачи на мостот коишто се оштетени и нивно наново бетонирање и зајакнување од нивната долна страна. Изведувачот започнува и со активности за челичење елементи што ќе ги зацврстуваат столбовите, односно ќе следи поставување на челични врски на столбовите, со што би се зајакнала конструкцијата на мостот.

Инаку, реконструкцијата на овој мост е финансирана од ЈПДП, односно Владата, а проектот е вреден 24.614.554 денари или околу 400.000 евра без ДДВ. Санацијата на мостот кај Башино Село првично треба да го продолжи неговиот век на користење за 5 до 10 години.