Експресниот пат Градско-Дреново кој е дел од Коридорот 10Д пуштен во употреба

Пуштањето на делницата Градско-Дреново која е дел од експресниот пат Градско-Фариш означува нов почеток на развојот на Централна и Југозападна Македонија, поврзувајќи ги Прилеп, Битола, Пелагонија, Ресен, Охрид, но и границата со Република Грција.

Со сечење лента директорот на Јавното претрпијатие за државни патишта Коце Трајановски, заедно со претседателот на Владата Христијан Мицковски, министерот за транспорт Александар Николоски, како и евроамбасадорот Михалес Рокас го означија пуштањето на оваа нова модерна и брза делница. На отворањето присуствуваа повеќе министри, пратеници, градоначалници, советници, и претставници на локалната бизнис заедница, како и претставници на изведувачите и надзорите.

Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Коце Трајановски рече дека постапката за изградба на експресниот пат започнала во 2012/13 година со проектирање и избор на изведувачи.
„Овој пат или овој Коридор што е дел од коридорот 10Д е од огромно значење за централна Македонија и Југозападна Македонија, бидејќи со тоа се поврзуваат Прилеп, Битола, Ресен, Охрид, па и со границата со Република Грција. Овој пат ќе овозможи многу побрзо, побезбедно, а исто така и поудобно движење по овој пат. Во употреба пуштаме вкупно 16.5 километри од експресниот пат кој започнува кај клучка Градско, а завршува кај клучка Дреново, од каде потоа се продолжува по стариот пат. Проектот е со вкупна вредност од 37.5 милиони евра и е финансиран 71,5% од ИПА фондови со вредност од 26.7 милиони евра и 28,5% од Национално Ко-финансирање во вкупна вредност од 10.6 милиони евра. Ширината на коловозот е 12,40 м, а делот што го пуштаме во употреба содржи: 3 клучки (Градско, Росоман и Дреново), 4 вијадукти, 1 мост, 4 надпатници, 3 подпатници, 7 плочасти пропусти и 28 цевасти пропусти“, рече директорот на ЈПДП Трајановски пришто вети дека и покрај двата поголеми проблеми, а тоа се ублажување и заштита на косините за коишто веќе има решенија, како и решавање на проблемот со заштита од опасни карпи на патот за што се разгледуваат можни решенија, и втората делница набрзо ќе биде завршена.

Според премиерот Христијан Мицкоски оваа делница означува нов почеток за развојот на Централна и Југозападна Македонија, а Коридорите 8 и 10д се стратешки за Македонија, правејќи ја крстосница на Балканот и заради тоа потребно е да ги модернизираме, на ниво со коешто ќе се даде регионален придонес во инфраструктурното поврзување.
Министерот за транспорт Николоски изјави дека како дел од Коридорот 10, оваа делница треба да значи целосно автопатско или експресно поврзување со вториот голем граничен премин, тоа е граничниот премин Меџитлија.