Граѓаните од денеска ќе возат по експресен пат од Крива Паланка-Страцин

Директорот на Јавното претрпијатие за државни патишта Коце Трајановски, заедно со претседателот на Владата Христијан Мицковски, министерот за транспорт Александар Николоски, министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, министерот за правда Игор Филков, заменик диркеторот на ЈПДП Назим Таипи, заменик-шефот на делегацијата на Европската Унија Бен Нупнау, како и во присуство на поголем број пратеници, градоначалници, советници, и претставници на Светска банка, и на Европска Делегација и ВБИФ Фонд за Инвестиции на Западен Балкан свечено го пуштија во употреба новиот експресен пат Крива Паланка-Страцин.

ЈПДП изминатиот период ја забрза изградбата, изведувачот работеше и во зимски услови и резулатот е нов, модерен и безбеден експресен пат во должина од 25,5 километри, со дозволена брзина од 110 км на час, пат кој е од големо значење не само за граѓаните од овој регион туку е значаен затоа што е дел од Коридорот 8 кој го поврзува истокот со западот на државата.

„Поставив цел до крајот на 2024 година да биде завршен овој пат. Многумина не веруваа, многумина дури и се смееја, но еве го завршивме, го задоцнивме само три дена. Затоа ќе извините за задоцнувањето од три дена“, рече директорот на ЈПДП Коце Трајановски, и додаде: „Во јули 2024 година, кога бев избран за директор на ЈПДП, на првата делница во должина од 15 километри верувајте немаше ставено ниту еден квадратен сантиметар асфалт, а гледам денеска се фалат дека останале само финалните работи. Меѓутоа работата ја гледаат граѓаните, гледаат со кој интензитет се работеше во последниве шест месеци. Вкупната инвестициона вредност на експресниот пат изнесува 102 милиони евра, средства обезбедени од Светска банка 88 милиони евра и дел наменски грант во висина од 14 милиони евра обезбедени од Инвестицискиот фонд за Западен Балкан. На експресниот пат има 3 клучки, исто толку и мостови, 13 вијадукти, 9 надпатници, 44 косини, 36 цевасти пропусти и 14 плочести пропусти. Тој е со ширина од 11,4 м, односно 12,5 метри.“

Министерот за транспорт Александар Николовски експресниот пат го нарече витална артерија за поврзување со Бугарија, а премиерот Христијан Мицкоски рече дека патот не треба да го присвојуваат ниту СДСМ ниту ВМРО – ДПМНЕ и нагласи дека тој е на граѓаните кои ќе го враќаат кредитот.

Оваа делница ќе овозможи развој на трговијата и економските стоки и услуги, ќе овозможи развој на туризмот во регионот, ќе овозможи побрз, побезбеден и сигурен проток на сообраќајот.