Skip to content

Трајановски: „Експресниот пат Градско-Дреново ќе го скрати времето на патување и ќе го олесни протокот на сообраќај кон пелагонискиот регион“

Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Коце Трајановски изврши увид во изградбата на експресниот пат Градско-Дреново, првата фаза Градско-Фариш и втората фаза Фариш-Дреново, со цел подетално запознавање со текот на градбата.
Па така, од Изведувачите и Надзорите над градбата на експресниот пат беше запознаен со моменталната состојба и со предизвиците пред кои се исправени за нивно надминување за запазување на предвидениот рок на изградба кој истекува кон крајот на годината.

Директорот Трајановски од инженерите беше известен дека процентот на реализација на првата делница е 95%, а на втората делница 85%. Вкупната должина, пак, на експресниот пат е 26 км. На првата делница Градско-Дреново, Изведувач на работите е Штрабаг, а Надзор е ЕГИС, а на втората делница Дреново–Фариш Изведувач на работите е СИНОХИДРО и Надзор се ГЕИНГ и ЕВРО КОНСАЛТИНГ.

Инаку, во моментов првата делница е речиси готова. Потребно е уште да се постави заштитна одбојна ограда, како и санација на една косина. На втората делница веќе се целосно пробиени двете цевки на тунелот, изведени се бетонските работи на тунелот, се санираат косините, се врши асфалтирање, а се гради и еден кружен тек на постојниот пат (кај клучка Дреново), како и изведба на други тековни градежни работи согласно со Проектната документација.

Директорот Трајановски од Изведувачите и Надзорите над работите побара поголема динамика во изградбата и запазување на роковите.

Коридорот 10д е еден од најзначајните патни правци во државата бидејќи низ него дневно поминуваат околу 6 илјади возила од сите категории и многу товарни возила. Токму од овие причини посветуваме внимание на изградбата на експресниот пат Градско-Дреново со кој значително ќе се олесни протокот на сообраќај, а со завршувањето на изградбата значително ќе се скрати и времето на патување од Градско кон Прилеп и Битола.

Сподели: