ЈАВЕН ОГЛАС БРОЈ 1/2024 за вработување на неопределено време на давател на јавна услуга во Јавното претпријатие за државни патишта
Трајановски изврши увид во работите за изградба на обиколница на Тетово преку клучка Требош до Непроштено (фаза 1)
Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Коце Трајановски заедно со стручниот тим извршијаи увид во работите за изградба на обиколница на Тетово преку клучка Требош до Непроштено (фаза 1). Должината на оваа обиколница ќе биде 5,34 километри и ќе има две ленти по три метри.
За изградбата на обиколницата обезбедени се средства од буџетот на ЈПДП во висина од 12,23 милиони евра. Во моментов изведувачот на работите Гранит АД Скопје работи на изведба на надвозник над пругата при што се изработени колови, надколова плоча и еден крилен ѕид. Моментално се работи на изработка на преднапрегнати носачи за надвозникот. Исто така, паралелно со изведбата се рашава и експропријацијата на околното земјиште. Извршено е пробивање и расчистување на трасата околу 90%, а моменталниот прогрес на градежните работи е 25%. Надзор над работите е ГЕИНГ Доо Скопје.
Увид во изградбата на автопатската делница Гостивар-Букојчани
Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Коце Трајановски, заедно со премиерот на Владата Христијан Мицкоски, со министерот за транспорт и вицепремиер Александар Николоски, вицепремиерот и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити, нејзината екселенција амбасадорката на САД Анџела Агелер, заменик директорот на ЈПДП Назим Таипи и в.д. градоначалникот на Општина Гостивар Валбон Лимани беа на трасата на изградба на автопатската делница Гостивар-Букојчани.
Гостивар-Букојчани е втора делница од четирите на коридорот 8 и коридорот 10д, кои се со вкупна должина од 110 км.
„Ние наследивме успорен па дури и закочен проект во одредени сегменти. Наша обврска е да ја забрзаме работата бидејќи во спротивно согласно со договорот со Бехтел и Енка плаќаме големи месечни суми за неработење. Главен проблем е ескпропријацијата која според договорот од 8.03.2023 година требаше да биде завршена пред да дојдам за директор. За 12 месеци имаше експроприрано 1117 катастарски парцели, а откако сум дојден за директор за два и пол месеци експроприравме 2432 парцели. Притоа сакам да се заблагодарам на министерството за транспорт за огромната поддршка и взаемното решавање на проблемите. Покрај тоа ова е плод на интензивна соработка и со Државното правобранителство, Управата за имотно правни работи, Агенцијата за катастар, министерството за земјоделие, ЈП Македонски шуми. До крајот на годината ќе биде целосно решена експропријацијата. Со решавањето на експропријацијата на Бехтел и Енка им се отвора можност понатаму непречено да работат. Паралелно со ова интензивно работиме на проектирање и расчистување на теренот.“– рече директорот Трајановски во изјавата за медиумите.
Трајановски ги запозна премиерот Мицкоски и министерот Николоски со наследените состојби во ЈПДП
На остварената средба во просториите на Јавното претпријатие за државни патишта директорот Коце Трајановски ги запозна со наследените состојби претседателот на Владата Христијан Мицкоски и вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски. Тој при тоа ги информираше дека го затекнал претпријатието со големи долгови, но, како што рече, успеале за краток период состојбата успешно да се санира и ЈПДП да се приближи до финансиска стабилност.
„На сметката имаше околу 90 милиони денари, а долговите беа околу милијарда и сто, десет пати поголеми долгови од што е состојбата на сметката, за да на 23 август имаме состојба на сметка од милијарда и сто и милијарда и триста во долгови. Се приближуваме до некоја финансиска стабилност, изјави по средбата директорот Трајановски.
Исто така, тој информираше дека од февруари годинава не биле плаќани фактурите на многу институции, помеѓу кои и на Македонијапат, на кои им било платено само за исплата на плати, но не биле плаќани обврските и кон Министерството за финансии во вредност од 300 милиони денари за отплата на ануитети за кредити кои ги плаќа Министерството во име ЈПДП.
Трајановски потенцираше дека сега се работи посветено и домаќински, за да биде ЈПДП во стабилна состојба. Премиерот Христијан Мицкоски рече дека очекува резултатите од работата на ЈПДП да се почувствуваат многу скоро. Министер за транспорт Александар Николоски рече дека имаат одличен почеток заедно со ЈПДП и дека на дневна основа работат на реализација на проектите, а има и неделни состаноци за двата најкрупни проекти, финализирање на автопатот од Охрид до Кичево, и забрзување на работите за коридорите 8 и 10.
Увид во градежните работи на експресниот пат Крива Паланка-Ранковце-Страцин
Директорот на ЈПДП Коце Трајановски, заедно со вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, извршија увид во градежните работи на експресниот пат Крива Паланка-Ранковце-Страцин кој започна со изградба во 2018 година и кој е поделен во две фази. Трајановски извести дека процентот на реализација по делници е 68% на прва фаза и 91 % на втора фаза.
„Првиот дел е во должина од 15,5 километри и со вредност од 43,2 милиони евра, тој е овој дел каде што се наоѓаме на потегот Длабочица – Чатал. Додека вториот дел е во должина од околу 10 километри и тој е со вредност од 50,5 милиони евра и со вкупна должина од 25,5 километри со ширина на коловизите од 12.5 метри. Вредноста на проектот е 80,20 милиони евра средства од Светска банка и грант средства од 13,50 милиони евра или вкупно 93,7 милиони евра. Очекуваме да биде завршен до крај на годината”, изјави Коце Трајановски, директор на ЈП за државни патишта.
Со изградбата на експресниот пат значително ќе се скрати времето на патување меѓу Куманово и Крива Паланка, кон Република Бугарија, но и ќе се комплетира патната инфраструктура на Коридорот 8 кој ќе овозможи безбедни и сигурни патишта за учесниците во сообраќајот.
Трајановски и Стефковски на увид во работата за расчистување на регионалниот пат Р-1102
Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Коце Трајановски и градоначалникот на Општина Гази Баба Бобан Стефковски извршија увид во работата на екипите на ЈП за одржување на магистрални и регионални патишта кои ја расчистуваат вегетацијата покрај регионалниот пат Р-1102 кој транзитира низ неколку населени места во општината.
Граѓаните на Ергеле, Трубарево, Гоце Делчев, Јурумлери, Нова Колонија Идризово, Дрма и други населени места што сообраќаат по овој пат се сведоци на намалената безбедност и намалената видливост на вертикалната сигнализација и опремата на патот заради неискастрени гранки, дрва и неискосена трева.
Директорот Трајановски нагласи дека безбедноста во сообраќајот е врвен приоритет и дека одржувањето на патиштата е подеднакво важно колку и инвестирањето во изградба на нови патишта, но не помалку важна е и соработката помеѓу централната и локалната власт, а институциите се тука за да им служат на граѓаните.
И градоначалникот Стефковски на иста линија со директорот при што упати благодарност што ЈПДП им излегла во пресрет на барањето на граѓаните сѐ со цел да се зголеми безбедноста во сообраќајот на овој патен правец, каде што френкфекцијата во сообраќајот е од висок интезитет. Акцијата ќе продолжи во наредните денови и во делот на регионалниот пат Р1102 кој минува низ Општина Петровец.
Трајановски:„Патишта треба и да градиме, но и редовно да ги одржуваме, за што е потребно и одвојување на повеќе средства“
Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Коце Трајановски ја посети асфалтната база на Јавното претрпијатие за одржување на магистрланите и регионалните патишта (Македонијапат) во Скопје која до денеска беше единствено активна, а од денеска стартуваа со работа и асфалтните бази во Велес и Битола. Трајановски изврши увид и во асфалтирањето на делницата Желино-Јегуновце, а асфалтирање на поравнителниот асфалт се вршеше и на Р1102 кај Демир Капија.
При увидот тој потенцираше дека не е важно само да се инвестира во патишта туку исто така е важно и да се одржуваат. Одржувањето на патиштата како обврска е пренесено на Јавното претпријатие за одржување на магистралните и регионалните патишта (Македонијапат), но поради неисполнети обврски од страна на претходното раководство на ЈП за државни патишта кон нив, односно поради префрлување на средства само за зимско одржување и за плати, но не и средства за работа, не беа во состојба да ги стартуваат асфалтните бази ниту да започнат со чистење на патиштата.
Една од главните заложби на директорот на ЈППД Коце Трајановски со неговото стартување на функцијата беше да се отпочне со исплата на долгот кон Македонијапат со цел да се овозможи отпочнувањето со чистење на патиштата и асфалтирање и санирање на оштетените делови.
Во таа насока се договори динамика на работење со Македонијапат со што ја враќаме условно речено „во живот“ за доброто на граѓаните и нивната безбедност како учесници во сообраќајот на магистралните и регионалните патишта.
Во иднина ќе тежнееме кон зголемување на средствата за одржување на постојната патна мрежа.
Трајановски: „Експресниот пат Градско-Дреново ќе го скрати времето на патување и ќе го олесни протокот на сообраќај кон пелагонискиот регион“
Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Коце Трајановски изврши увид во изградбата на експресниот пат Градско-Дреново, првата фаза Градско-Фариш и втората фаза Фариш-Дреново, со цел подетално запознавање со текот на градбата.
Па така, од Изведувачите и Надзорите над градбата на експресниот пат беше запознаен со моменталната состојба и со предизвиците пред кои се исправени за нивно надминување за запазување на предвидениот рок на изградба кој истекува кон крајот на годината.
Директорот Трајановски од инженерите беше известен дека процентот на реализација на првата делница е 95%, а на втората делница 85%. Вкупната должина, пак, на експресниот пат е 26 км. На првата делница Градско-Дреново, Изведувач на работите е Штрабаг, а Надзор е ЕГИС, а на втората делница Дреново–Фариш Изведувач на работите е СИНОХИДРО и Надзор се ГЕИНГ и ЕВРО КОНСАЛТИНГ.
Инаку, во моментов првата делница е речиси готова. Потребно е уште да се постави заштитна одбојна ограда, како и санација на една косина. На втората делница веќе се целосно пробиени двете цевки на тунелот, изведени се бетонските работи на тунелот, се санираат косините, се врши асфалтирање, а се гради и еден кружен тек на постојниот пат (кај клучка Дреново), како и изведба на други тековни градежни работи согласно со Проектната документација.
Директорот Трајановски од Изведувачите и Надзорите над работите побара поголема динамика во изградбата и запазување на роковите.
Коридорот 10д е еден од најзначајните патни правци во државата бидејќи низ него дневно поминуваат околу 6 илјади возила од сите категории и многу товарни возила. Токму од овие причини посветуваме внимание на изградбата на експресниот пат Градско-Дреново со кој значително ќе се олесни протокот на сообраќај, а со завршувањето на изградбата значително ќе се скрати и времето на патување од Градско кон Прилеп и Битола.
Трајановски и Николовски запознаени со идејата за обиколница на Кавадарци
Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Коце Трајановски и министерот за транспорт Александар Николоски од страна на градоначалникот на Општина Кавадарци Митко Јанчев беа запознаени со идејата за изградба на обиколница на Кавадарци.
Идејата произлегува од фактот што Кавадарци е една од ретките општини каде што низ центарот на градот поминуваат регионални патишта со што низ градските улици се зголемува бројот на тешки товарни возила што ја загрозуваат безбедноста на граѓаните. Од тие причини Општина Кавадарци излезе со предлог идеја за изградба на обиколница со што значително ќе се намали транзитниот сообраќај, а ќе се зголеми безбедноста.
„Ја поздравувам иницијативата на градоначалникот Јанчев и вакви обиколници треба да имаат во повеќе градови. Апсурд е низ центарот на градот да поминуваат регионални патишта, а Кавадарци е еден од поиндустриските градови и со изградбата на обиколницата сообраќајот на товарни и други возила ќе се растерети и ќе се добијат подобри услови за живот на граѓаните, а ќе се овозможи и поголем развој на општината затоа што знаеме дека околу обиколниците се градат стопански и станбени објекти согласно со деталните планови на општината“, изјави во оваа прилика директорот на Јавното претрпијатие за државни патишта Коце Трајановски.
Од состанокот произлезе предлог да се формира работна група со претставници од Министерството за транспорт и врски, Јавното претпријатие за државни патишта и општината Кавадарци која ќе ја дефинира трасата на обиколницата.