Влезовите и излезите, односно приодите на градовите се многу важен сегмент за непречен и безбеден сообраќај околу нив. Токму затоа, Јавно претпријатие за државни патишта посветува внимание на овие периферните патни правци и поврзувања кои најчесто ги користат и товарните возила.
Директорот на ЈПДП Коце Трајновски денеска заедно со градоначалниците на Штип и Карбинци Јорданов и Паунов изврши увид во градежните активности на еден таков приод, односно во градежните активности на рехабилитација на коловозот на дел од регионалниот патен правец Р2434 на дел од излезот од Штип кон Карбинци.
“Програмата за одржување и заштита на државните патишта која се реализира преку Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта попозната како ЈП Македониијапат се трудиме да ги опфатиме сите патишта и приоди од градовите низ државата каде населението ги користи секојдневно. Денеска овде заедно со градоначалниците сме да видиме на лице место како се одвиваат градежните активности на рехабилитација на коловозот на дел од регионалниот патен правец Р2434 на дел од излезот од Штип кон Карбинци. Овде рехабилитираме коловоз со должина од 3.200 метри и просечна ширина од 5,6 метри. Од она што го добивме како информација од изведувачите на градежните активности до сега се завршени околу 50 % од работите. Имено, се врши стругање на стариот асфалтен коловоз и вградување на нов асфалтен слој. Се надеваме дека временските прилики ќе ни дозволат целосно да ги завршиме планираните активности кои се во тек. Вредноста на оваа инвестицијата е 30 милилони денари. Овие средства се обезбедени во програмата на ЈПДП, а и овде како и на други места низ државата работите ги изведува ЈП Македонијапат”, изјави по увидот директорот на ЈПДП Коце Трајановски