Skip to content

Рустеми: „Градежната и туристичката сезона се поклопуваат и затоа повикуваме на малку трпение од страна на сите за да изградиме модерни и сигурни патишта кои ќе донесат придобивки за градот, за општината и за регионот“

Ова го порача директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми при увидот во градежните работи што се отпочнати кај Подмоље на делот од автопатот Кичево-Охрид кој го извршија со министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.

Многуте наследени проблеми конечно се решени и сега имаме чист терен за работа. Јавното претпријатие за државни патишта во овој период мораше да направи дури 72 препроектирања, односно, да проектира клучки кои не беа предвидени, да репроектира најголем дел од косините, но и да реши многу имотноправни проблеми и експропријации. Решени се  преку 3.500 предмети помеѓу државата и граѓаните на целата траса на изградба на автопатот Кичево – Охрид и сега имаме засилена динамика на градежни активности. Меѓутоа, исто така, тука сме и за да одговориме на многуте реакции што се појавија изминатиот период поради затворањето на автопатстката делница од Подмоље кон Охрид. Во однос на овие рекации, би сакал да потенцирам дека сме свесни дека тајмингот на затворање е во време на почеток на туристичката сезона. Но, воедно, би сакал да ја подигнам свеста на јавноста и да укажам дека сега исто така е и сезона на градежни активности. За жал, градежната и туристичката сезона се поклопуваат, бидејќи и ние и градежните компании коишто работат на сите наши патишта зависат од доброто време и од условите за работа. Токму затоа, нам ударна сезона ни е пролет – лето – есен. Ако имаме дождлива пролет, како оваа, исто така претставува проблем и за најважните градежни активности, затоа што тие се одвиваат само на суво време“, изјави директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми.

Во таа насока, тој повика на трпение од страна на сите, бидејќи заложбите на ЈПДП се да се изградат модерни и сигурни патишта кои ќе донесат придобивки за градот, за општината и за регионот од сите аспекти – за развој на туризмот, за развој на локалната економија, за полесно поврзување на градовите и населените места, за транспорт на луѓе и стоки и слично.

Истовремено, Рустеми ја искористи можноста да ја извести јавноста дека оваа година ќе започне и рехабилитацијата на дел од патниот правец од Охрид кон Свети Наум, патен правец кој е нечепнат со години наназад, со единствена цел, граѓаните да добијат достојни сообраќајници, но и да добијат зголемена безбедност за сите учесници во сообраќајот.

Сподели: