Да се има избор значи да не зависиш од една опција! Да се има избор значи пошироки можности, значи поголеми перспективи, значи повеќе можности за просперитет! За нашата држава тоа се Коридорите 8 и 10д–можност за подобро и целосно поврзување со регионот и со Европа, односно можности за економска конкурентност и напредок.
Токму затоа, директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми, претседателот на Владата на РСМ, Димитар Ковачевски, првиот заменик на претседателот на Владата на РСМ и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, заедно со почитуваните амбасадори на Република Турција во РСМ, Хасан Мехмет Секизќок и вршителот на должност амбасадор на САД во РСМ, Ерик Мајер, како и претседателот на Бехтел и Енха за Европа, Африка и Блиски исток, Џастин Сиберел, го означија стартот на геомеханичките испитувања на теренот со што практично се почнува и со предвидените активности за изградба на автопатот 10д со вкупна должина од 39,3 километри, кој ги поврзува градовите Прилеп и Битола
Со изградбата на предвидените автопати, ќе се заврши мрежата на европските патни коридори 8 и 10д низ Република Северна Македонија.
„Зошто ова е најзначајниот ваков проект до сега? Овој проект е најзначаен бидејќи европскиот патен Коридор 8 е многу важен регионален патен правец и околу 300 км поминуваат низ нашата држава. Тој е многу важна врска Исток – Запад, а нам како држава ни овозможува поврзување со две пристаништа: едното во Бургас, Република Бугарија и другото во Драч, Република Албанија.
Дополнително, преку пристаништето во Драч ја имаме можноста за поврзување со пристаништето Бриндизи во Италија. За прв пат ни се отвораат реалните и остварливи перспективи за квалитетно, современо и брзо решение на македонската делница на овој европски патен правец – Коридорот 8. Во иста мера значаен е и Коридорот 10-д кој нѐ поврзува на југо-запад со Република Грција преку граничниот премин Меџитлија.“, рече во своето обраќање директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми.
Тој информираше дека ЈПДП продолжува со реализација и на другите проекти во пелагонискиот регион, односно изградбата на експресниот пат Градско -Прилеп, но и модерно патно поврзување на Битола со граничниот премин Меџитлија со што истовремено ќе се намали времето на патување и на граѓаните и бизнисите ќе им се овозможи да користат нови рути на движење, со што се подобрува мобилноста и трговската размена, безбедноста при патување, итн…
„Почнува нова ера, во која наместо само по 5,8 километри автопат годишно колку што се градеше во изминативе 32 години, во следните 4,7 години ќе се градат по 23 километри автопати годишно или вкупно 110 километри автопатишта. Ова значи отворање на нови 8.000 работни места. Ова значи и раст на БДП(Бруто домашен производ) за 2 % годишно во наредните 5 години. Ова значи избор за заокружување на европската патна инфраструктура, ова значи избор на перспективи, избор на економски просперитет“, рече Рустеми.