Skip to content

4 мај-Ден на наплатна служба, одбележуваме 36 години постоење

Кога во далечната 1987 година беа пуштени во употреба трите наплатни станици на територијата на државата првиот билет на првото возило што помина низ патарината го подаде нашиот вработен инкасант Никола Станоев. 36 години подоцна Никола се уште е дел од тимот на наплатната станица Градско, а од тогаш до сега се отворени 14 наплатни станици на Коридорите 10 и 8.

Јавното претпријатие за државни патишта на одбележувањето на 4 мај-денот на наплатната служба со право може да се пофали дека денес таа е синоним на модерна, електронска и современа наплата на патарина која нуди професионална и квалитетна услуга, сѐ со цел да овозможи брз и безбеден проток на сообраќајот.

Токму затоа, директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми, заедно со министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, заменик директорот на ЈПДП Благојче Трпевски и  тимот на ЈПДП извршија увид во работењето на Наплатната служба на наплатната станица Петровец каде што е и Оперативниот центар чија што успешна приказна започна во април 2019 година.

Оперативниот Центар во Петровец претставува една мултифункционална целина преку која се мониторира работењето на сите наплатни станици на територија на РСМ и сите активности поврзани со наплатата на патарина. На 27 ФХД 49-инчни монитори се следи состојбата на наплатните станици во живо, преку лајв стрим, а во исто време се прави и контрола на работењето преку системот за видео надзор со прегледување на снимен видео материјал. Преку софистицирани софтверски програми се контролира работењето на секој вработен оператор-инкасант во наплатните кабини, се следи сообраќајот на самите наплатни ленти, се детектира секој проблем во и околу наплатните станици. Во WideoWall просторијата се надгледуваат и влезот, излезот и состојбата на тунелите кај Демир Капија-Смоквица.

Во Јули 2019 година, пак, за првпат профункционира и електронската наплата на патарина која бележи постојан раст како во продажба на електронски уреди, така и во надополнувањето на истите. За периодот 2019 до сега, продадени се вкупно М-Смарт картички: количина 146.492 парчиња (сто четириесет и шест илјади четиристотини деведесет и две) и М-Таг во количина од 18.477 уреди (осумнаесет илјади четиристотини седумдесет и седум) или вкупно 164.969 електронски уреди. За посочениот период, направени се вкупно 892.673 поединечни надополнувања на електронски уреди. Учеството на Електронската наплата е со постојан пораст во вкупниот промет остварен од наплата на патарина и веќе надминува 30% од вкупната наплата (во делот на Наплатните каде функционира електронската наплата). Најчест начин на плаќање патарина е се уште во готовина со нешто над 55% од плаќањата, електронска наплата учествува со околу/над 30% и безготовинско плаќање со користење на платежни картички околу 15 % при плаќање на патарина.

„Вкупно на двата Коридора 8 и 10 во 2022 година транзитирале 52 милиони возила од сите категории кои на ЈПДП му донесоа рекорден приход од 53.242.070 евра што претставува зголемување на остварениот приход за 15%. Или споредбено по години бројките се движеле во нагорна линија, па така во  2019 година остварен е вкупен промет од 43.607.588 евра, во 2020 година, во услови на пандемија и намален сообраќај забележавме промет од 34.029.562 евра, во 2021 година, од 46.401.122 евра. И оваа 2023 година проекциите се движат во нагорна линија и очекуваме приход од околу 56 милиони евра“, изјави директорот на Јавното претпријатие а државни патишта Ејуп Рустеми.

„Ова значи добивка не само за ЈПДП туку добивка и за граѓаните и државата бидејќи сите овие средства се инвестираат во нови патишта, во рехабилитација на постојните и одржување на сите регионални патни правци“, изјави министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.

Оваа година започнуваме и со модернизација на наплатните станици на Коридор 8 и воведување на електронска наплата, но и нова градежна офанзива наречена изградба на 110 километри нови патишта и затоа секој денар ставен во касата на наплатната служба е денар инвестиран во нови модерни, брзи и пред се безбедни патишта.

На овој 4 мај и 36 години постоење на наплатната служба сакаме да потенцираме дека таа веќе не е синоним за полнење на негативни содржини на насловните страници туку со напорното домаќинско работење стекна имиџ на сериозна служба која е 24/7 е во функција на патникот, а вработените се секогаш на ниво на задачата што значи брза и навремена услуга без застој на наплатните станици и тоа во  услови на значително зголемен обем на проток на возила по македонските патишта.

Сподели: