Skip to content

Потпишан Договорот за изградба на Коридорите 8 и 10 д, следните пет години ќе се изградат близу 110 км автопатишта

Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми, и министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски потпишаa Договор за изградба на Коридор 8 и на Коридорот 10-д со генералниот директор за нискоградба на Бехтел, Марк Алисон и директорот за технологија за нискоградба на Енка, Мехмет Тара, како претставници на Конзорциумот Бехтел и Енка.

На настанот присуствуваа претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, заедно со првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, амбасадорката на САД во Република Северна Македонија, Анџела Прајс Агелер и амбасадорот на Турција во Република Северна Македонија, Хасан Мехмет Секизќок.

„Потпишавме договор за идните генерации, договор за иднината на секој граѓанин на Република Северна Македонија“, потенцираше директорот Рустеми и додаде:

„Со овој договор ќе започнат со изградба четирите патни правци, и тоа: Автопатот Тетово–Гостивар, Гостивар–Букојчани, Требениште–Струга–Ќафасан, и Автопатот Прилеп–Битола. Во Република Северна Македонија наредниве пет години ќе се изградат 108,8 километри автопатишта. Отпочнувањето со реализација на четирите автопатски делници е историски момент, бидејќи се работи за најголемиот инфраструктурен проект досега во нашата држава во патниот сектор што ќе придонесе за побрз економски развој, подобри врски со соседите и со меѓународните коридори, како и побрзо и безбедно патување на учесниците во сообраќајот“.
Директорот на ЈПДП Ејуп Рустеми им се заблагодари на сите кои што активно беа вклучени и професионално придонесоа овој многу важен проект да стане реалност.

Сподели: