Skip to content

Реконструкцијата на државиот пат Струга – Ќафасан ќе заврши до есен

Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми, министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, и градоначалникот на општина Струга, Рамиз Мерко, извршија увид во градежните работи на регионалниот пат Подмоље-Струга–Ќафасан, инвестиција во вредност од 8 милион евра. Должината на патниот правец е 19,3 километри, а предвидена е целосна рехабилитација со поставување на нов асфалт.

„Во овој момент имаме прогрес на градежните работи  преку 20 проценти. Со проектот предвидено е целосно рехабилитирање на патот до граничен премин Ќафасан. Патот е со две ленти од 3,5 метри, а планирано е да се постават и нови  банкини. Предвидено е да се рехабилитираат и три мостови на патниот правец. Со рехабилитацијата ќе ја подигнеме безбедноста во сообраќајот на оваа делница. Очекувам до октомври патот целосно да го рехабилитираме.”–рече директорот на ЈП за државни патишта, Ејуп Рустеми.

„Ова е многу значен патен правец бидејќи го поврзува граничниот премин Ќафасан и Република Албанија и е дел од Коридор 8. Со средства од ЈП за државни патишта го рехабилитираме за да овозможиме квалитетна патна врска за граѓаните на Струга, Охрид, Дебар и пред се поради регионалното поврзување. Имаме обврска да создадеме квалитетна патна мрежа низ државата и оваа година имаме силна инвестициона активност за да го постигнеме тоа. Овој патен правец е дел од нашите инвестициони планови и оваа година до есен планираме да биде завршен.”-изјави министерот Бочварски.

Според градоначалникот на општина Струга, реконструкцијата на овој патен правец е од огромно значење заради регионалното поврзување, развој на економијата и локалниот развој на регионот.

Сподели: