Рустеми: „Работите на мостот над река Кумановка кај Проевце се во завршна фаза“

„Мостот над река Кумановка на регионалниот пат Р1204 е значаен бидејќи има голем проток на возила, посебно на тешки товарни возила кои гравитираат до индустриските објекти во околината. Неговата оптовареност со сообраќај беше причина за негово видно оштетување и за таа цел Јавното претпријатие за државни патишта водејќи се од грижата за учесниците во сообраќајот на оваа делница отпочна со санација која сега е во завршна фаза“, изјави директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми кој заедно со претседателот на Владата на РСМ Димитар Ковачевски и со министерот за транспорт и врски Благој Бочварски извршија увид во градежните работи.

Мостот е со челични главни носачи на пет распони со должина од 172.5m и ширина на коловоз од 6.5 м и тротоари од двете страни од по 1 м. Санацијата ги опфати овие челични носачи како и зајакнување на сите столбни места, менување на старите и оштетени лежишта, санација и зајакнување на нова коловозна плоча, нови тротоари, нова мостовска ограда, нова хидроизолација и асфалтна конструкција. Изведувач на работите е СИНТЕК ИНЖЕНЕРИНГ – СКОПЈЕ, надзор е Геинг-Скопје, а предвидените средства за санацијата на мостот се во висина од 59.7 милиони денари (околу еден милион евра).


Рустеми уште потенцираше дека: „ЈПДП во кумановскиот регион изврши санација и зајакнување и на таканаречениот Искрин мост, за што издвоивме околу 2 милиони евра буџет. Имено, Искрин мост е еден од најдолгите мостови во државава, со должина од 355 метри и откако е изграден пред речиси 50-тина години не беше саниран и се наоѓаше во исклучително лоша состојба. Сега безбедноста на граѓаните од регионот е зголемена и тие ќе возат по два санирани и зајакнати моста“.
Работите на мостот над река Кумановка кај Проевце се во завршна фаза и во моментов се изведуваат работи на последното поле и на крајниот столб од страната на Куманово.